ПравдаСветот на работникот

Каков ни е квалитетот на образованието?

Како е квалитетот - Работник
481views

Квалитетот на образованието е просечен, а во некои области е и многу лош, смета наставникот Витомир Лазороски од ОУ „Христијан Тодоровски – Карпош“, за Порталот Работник.

„Потребно е посебно да се дискутира за основното, а одделно за средното образование. Сосем различна тема е високото образование. Образовниот систем во државата е гломазен и многу сложен, па, тешко е да се даде општа оцена каква е состојбата. Но, основите на добро образование сè уште постојат во нашите училишта“, вели Лазороски.

Наставничка од едно основно училиште којашто сакаше да остане анонимна, вели дека повеќе од очигледно е дека квалитетот на образованието не е добар. Според неа, во нашето образование се вовеле многу проекти со цел тоа да се подобри, но за жал сите тие се „подготвени“ од странски образовни институции и траат додека течат средствата со кои тие „влегуваат“ во образованието. По завршувањето на тие проекти, мал дел од нив се применуваат во образованието.

Таа истакна дека Министерството за образование и наука и Бирото за развој програмите ги имплементираат на хартија.

„Во меѓувреме во истите сме менуваат кадрите и се донесуваат одлуки од страна на млади и неискусни и кои немаат работен воопшто во образовниот процес. Чест на исклучоците кои не можат да донесат одлуки поради различните ставови“, вели таа.

Рече дека сето ова се пренесува на грбот на просветните работници.

На прашањето кои компоненти од образованието го нарушуваат квалитетот на истото, Лазороски смета дека најмногу на квалитетот влијае економската состојба во општеството. Според него, слабата финансиска моќ се рефлектира директно на намалување на квалитетот на процесите во образованието. Од недостаток на основни средства за функционирање на училиштата, како на пример финансии за греење и другите комуналии, до недоволно потрошни материјали (хартија за фотокопирање, нагледни средства, лаборатории по предметите од природните науки, информатичка опрема итн.) Вели дека најголемиот број на училишни објекти се стари, дотраени, а некои од нив се без основни услови за згрижување на ученици.

Лазороски вели дека втората компонента што битно влијае на образовниот процес е недоволно јасната слика на државава какви идни профили и се потребни. Тоа се одразува така што има застарени наставни програми, гломазни наставни планови, ад хок интервенции со површни реформи, непотребни наставни предмети, односно многу лутање и слаби резултати на крајот на денот.

„Никако не би ја занемарил и материјалната состојба на образовниот, административниот и помошниот кадар во образованието. Таа е, благо кажано, тажна. Но, затоа пак, наставниците се изложени на еден куп административни обврски, кои им одземаат поголем дел од работниот ден, а многу од тие обврски ги завршуваат после работното време. Од познатата „дневна подготовка“, па до електронскиот дневник. И, ништо од тоа, според мене, не придонесува во зголемувањето на квалитетот на наставата, напротив, под притисок од директори, инспектори, се гледа администрацијата да биде исполнета, а наставата“, истакна тој.

Вели дека дополнителните обврски на наставниците не завршуваат со администрацијата. Се бара од нив и додатна настава, дополнителна настава, слободни ученички активности, учество во разни проекти од т.н. НВО со дискутабилен придонес за квалитетот на образованието. Наведе дека тука спаѓаат и натпреварите, разните манифестации што ги организираат општините, наставнички совети, средби со родителите.

Лазороски се осврна и на законите кои се носат во образовната сфера кои според него не се усогласени со реалните состојби во образованието.

„Иако Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК и Министерството за образование и наука, имаат добар социјален дијалог, законите не ги прават заеднички работни групи, туку се создаваат еднострано од власта. Во последната верзија на Законот на основно образование, за жал, не беше вградена ниту една забелешка од засегнатите страни. Истото се случи и со Законот за наставници“, рече Лазороски.

Потенцираше дека болна тема е и начинот на запишување во средните училишта и на факултетите, што води кон борба за оцени, а не за знаења. И, како што вели тој, иако сите го знаат тоа, ништо не се менува на тоа поле.

Наставничката вели дека квалитетот зависи од примената на образовните цели и задачи. Непостојаното, неиздржаното и непровереното експериментално спроведување на различните проекти директно влијае на квалитетот.

„Досега ниедна постава од надлежните институции не застана истрајно зад некој модел кој ќе го унапреди образованието, а во меѓувреме, образовниот процес тече, генерации ученици минуваат и заминуваат. Во нашиот образовен процес не се изнајде модел од праксата по кој сите училишта ќе го спроведуваат образованието со претходно подготвени и унифицирани програми.

На прашањето за тоа што би требало да се направи за да се има поквалитетно образование, Лазороски истакна дека за целосна анализа потребен е опсежен и долгорочен процес на преиспитување на потребите, но и можностите на општеството од сите засегнати страни и квалитетна дискусија, од која што би произлегле квалитетни решенија.

„Образовниот процес е динамичен и променлив, треба постојано да се следат промените во општеството и на време да се реагира. Ова општество треба да има јасна визија што очекува од идните генерации и соодветно, преку образовниот процес, да ги подготви за тоа. Државата има квалификувани институции на тоа поле, во рамките на МОН, како што е Бирото за развој на образованието, Педагошката служба, во кои работат професионалци. Треба да им се даде шанса да го искажат своето мислење, а не одлуките да бидат само на политичарите. Што се однесува до политичарите, тие најмногу може да направат за поквалитетно образование. Нашата држава е далеку под европскиот просек на одвоени средства од БНП за образование“, вели тој.

Објасни дека потребно е одвојување на поголеми средства од Буџетот на државата за образование. Така ќе добијат нови, добро опремени училишта, пристојно платени наставници, услови за квалитетна настава. Во тие училишта децата не треба да бидат преоптоварени со непотребни содржини, туку насочени кон неопходни знаења и вештини, потребни за животот што ги чека.

Лазороски порачува дека треба да им овозможи на учениците во училиштата да се чуствуваат пријатно, а не да го сметаат образовниот процес за здодевна обврска. Крајниот продукт на таквите промени ќе бидат ученици со вештини и знаења потребни за живот, а не, како што рече тој, како што е сега, ученици што не можат течно да ги искажат своите мисли и да поврзат сложена реченица, а, не пак да решаваат логички проблеми и задачи.

Наставничката смета дека треба да се формира тим на стручни лица кои се директно поврзани со образовниот процес. Да се понудат решенија со практична примена и секако пред се да се почитува искуството на наставниците кои директно ја реализираат наставата во училиштето, односно теоријата да се претвори во пракса.

Бобан Илијевски