Како да одговорите на прашањето: „Колкава плата очекувате?“ – Дали мора да споменете сума?

Едно од најкомплексните прашања кои можат да ви бидат поставени на интервју за работа е „Колкава плата очекувате?“ Кандидатите за работа често се ставени во неповолна позиција кога треба да дадат одговор на ова прашање. Поради тоа, редакцијата на порталот Работник побара став од професионалци од областа на човечките ресурси.

Дарко Петровски, основач на компанијата за обуки, консталтинг и тренинг Талент бизнис инкубатор Степ-ап, долгогодишен директор за човечките ресурси и Претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси, за порталот Работник вели дека интервјуто е место каде и работникот и работодавачот се обидуваат да ги постават своите преговарачки позиции во однос на платата и останатите бенефиции, во случај да склучат договор за вработување.

Според Петровски, постојат работни места за кои работодавачот може да има фиксни и непроменливи граници и каде најчесто нема простор за преговарање. Сепак:

„Има и работни места за кои работодавачот има буџетирано одреден опсег кој е спремен да го исплати на кандидатот кој најмногу ќе му одговара. Опсегот најчесто се утврдува врз основа на системот на плати кај работодавачот, но често зависи и од условите на пазарот на труд и релевантните истражувања на плати, од бараните компетенции на кандидатите, како и од ургентноста на потребата за вработување“ – вели Петровски.

Колку кандидатот подобро соодветствува на барањата на работодавачот, толку и подготвеноста на работодавачот се движи кон горните граници на тој опсег, објаснува Петровски, додавајќи дека во одредени случаи на кандидатите кои ги надминуваат очекувањата на работодавачот може да им биде понуден и повисок износ од буџетираниот опсег.   

И работниците вообичаено имаат некој свој опсег на плата кој се подготвени да го прифатат, појаснува Петровски. Тој опсег, како што вели, зависи од моменталната состојба и приходи на кандидатот, од пазарот на труд, сопствените компетенции и од ургентноста за вработување.

„И работникот под определени околности може да излезе од сопствениот опсег. За работникот да може да го утврди сопствениот опсег, потребно е да направи сопствено истражување за платите општо, потоа во секторот на работодавачот, па дури и кај него самиот“ – истакна Петровски.

Во светот, истакна тој, има повеќе интернет платформи за вакви истражувања, а се повеќе се појавуваат и кај нас, што може многу да им послужи на кандидатите.

Петровски смета дека само платата не треба да биде одлучувачки фактор за прифаќање на одредена понуда, туку предвид треба да се земат улогата којашто ќе ја има кандидатот, како и останатите работни услови. Дел од нив се: денови за годишен одмор, други додатоци и надоместоци на плата и поволности кои ги нуди работодавачот.

Прашањето им служи на работодавачите да го одберат најповолниот кандидат

Работодавачите во текот на интервјуата сакаат кандидатите да им ги кажат очекувањата за платата и останатите услови, вели Петровски, појаснувајќи дека тоа е еден од факторите кој им помага при одлучувањето за тоа кој е најдобар (најповолен) кандидат.

„Од друга страна, и кандидатите сакат да испреговараат што е можно подобри услови за себе при вработувањето, па се наоѓаат во недоумица како да одговорат на едно вакво прашање, а притоа да не си ја поткопаат својата преговарачка позиција“ – вели Петровски.

Според него, опасноста е во тоа што доколку искажат поголема скромност во очекувањата, може да не испреговараат услови кои се во горниот опсег на работодавачот, а доколку бидат премногу нескромни, да испаднат од играта како потенцијален кандидат.

Петровски посочи дека тешко е да се даде единствен правилен одговор на ова прашање, без притоа да се спомене некоја сума или некој ранг. Тој ги советува кандидатите подготвено да влезат во дијалогот и врз база на сопствени истражувања, дополнителни прашања кон интервјуерите и на целокупниот разговор, да се обидат да обезбедат добра преговарачка позиција кога финално ќе се утврдуваат условите од договорот, а тоа најчесто е после некој од следните кругови на интервјуа и јасно покажаниот интерес од работодавачот или добиената конкретна понуда.

На инсистирање од интервјуерот, вели Петровски, кандидатот би требало да соопшти некаков информативен ранг, кој потоа во детали би се разговарал на основа на целиот пакет што ќе го предложи работодавачот.

Сугерира дека најважно од сѐ е да се знае дека по постигнувањето на договор, двете страни во целост треба да го почитуваат истиот, за да негуваат една здрава, коректна и долгорочна релација.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.