Како четиридневната работна недела ги измени работните денови на кои се навикнавме?

Хибридната и работата од дома не беа единствените големи промени за работниците во текот на пандемијата. Скратената работна недела, односно работењето четири дена неделно е едно од решенијата кои работодавачите започнуваат да ги применуваат.

Пандемијата несомнено довела до тоа работниците кои порано работеле пет дена во неделата – од девет до пет – сега да имаат пофлексибилно работно време и обврски.

Секако, не секој работодавач „скока“ на овие трендови – многу од секторите и понатаму се придржуваат до класичниот начин на работа.

Сепак, се поголем број на компании експериментираат со промена на работите во ера кога губењето на работници, односно масовните откази се доста загрижувачки.

Скратена работна недела како едно од решенијата

Како што работните денови се продолжувале за многу вработени во текот на пандемијата, нивното ментално здравје и рамнотежа помеѓу работниот и приватниот живот, се повеќе страдале.

Едно од решенијата е четиридневна работна недела.

Оваа идеја не е нова во ера на пандемијата, но повторно се актуелизирала по појавувањето на пандемијата. Некои работодавачи толку биле задоволни од резултатите поврзани со продуктивноста што се одлучиле овој модел да го имплементираат трајно, пренесуваат медиумите.

Особено внимание било посветено на испитувањето на четиридневната работна недела во Велика Британија, а веќе на половина експеримент, 86 % од анкетираните компании рекле дека ќе го задржат овој начин на работа.

Овој модел на многу компании им овозможил да вработат и да ги задржат работниците. Истовремено, нивните вработени штедат на трошоци како патување и чување на децата.

Сепак, некои компании ја задржале 40-часовна недела, притоа ставајќи го товарот четири дена во неделата, што го продолжува дневното време на вработените.

Што покажале истражувањата – кои се предностите?

Четиридневната работна недела во која работниците ги намалиле своите работни часови на 32 неделно, покажала дека работниците можат да бидат 100 % продуктивни за помалку време.

Истражувањето покажало дека работниците се еднакво продуктивни и ангажирани за помалку часови, а можеби и повеќе. Норвешка и Данска имаат работна недела пократка од 40 часа и се седми најпродуктивни земји во светот.

Тоа е предноста за одредување на приоритети, рекол Адам Грант, професор по организациона психологија на Вортон школата при Универзитетот во Пенсилванија.

Кога имате помалку време, започнувате да се фокусирате на работите кои навистина се важни, вели тој и додава дека згуснатиот распоред резултирал со зголемена продуктивност.

Од работниците најмногу се очекувало да работат во блокови од осум часа, во главно од девет до пет.

Сега може да имаат повеќе време за приватниот живот и да бидат повеќе продуктивни во работата.

Како и секоја промена предизвикана од пандемијата, останува да се види што ќе се случи.

Но меѓу промените на работните места кои секојдневно се развиваат, дошло до бавно но постојано движење кон повеќе компании кои ги тестираат овие нови опции.

Компаниите, секако, се внимателни при носењето на одлуките.

Сепак, веројатно се повеќе компании ќе ги „стават прстите во вода“ со новиот модел колку и да се внимателни, со што би можело трајно да се смени работниот ден каков што го познаваме.

Фото: Pixabay