- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Кариерен развој, високи плати, рамна хиерархија се барањата на луѓето за да работат во Македонија, но дали е можно да се исполнат?

Дали е можно да се исполнат - Работник
399views

Факултети.мк спроведе анкета за тоа какви услови бараат младите за да останат да работат во Македонија. Меѓу останатите барања, беа и рамна хиерархија во компанијата (еднаква поделба на одговорностите), можност за кариерен развој и високи плати.

Порталот Работник се обрати до Претседателот на Бизнис Конфедерацијата на Македонија Миле Бошков со прашање дали може во македонските компании да се воспостави рамна хиерархија.

Рамната хиерархија пред се зависи од компетентноста на и од капацитетот на работниците, но уште повеќе зависи од капацитетот на сопствениците и на управителите на мали и средни претпријатија кои де факто се управивани од сопствениците, вели Бошков.

Тој појасни дека корпоративно управуваните компании, ни оддалеку не наликуваат на мали и средни компании и оттука, како што вели, се поставува прашањето дали македоснките мали и средни компании воопшто знаат што значи рамна хиерархија и поделба на ингеренциите и на раководењето.

„Така да тие менаџери на мали и средни претпријатија кои први ќе препознаат што значи да се управува со талентот на луѓето и со нивните капацитети, секогаш повеќе ќе имаат повеќе приходи, задоволство, одржливост на компаниите и ќе ги задржат вработените. Од друга страна, ќе ни се случува, тоа што се случува, односно голема флуктуација на младите од компанија во компанија и на крај напуштање на пазарот на трудот“, рече Бошков.

Тој посочи дека синдикатите, заедно со работодавачите, односно нивните претставници треба заеднички да соработуваат за да се подобрат условите за работа во Македонија, за да се спречи одливот на кадри.

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров вели дека сосема е легитимно младите да „сонуваат“ за добро платено работно место кое истовремено ќе им обезбеди и кариерен развој во иднина. Тој потенцира дека наскаде низ светот постојат подобро и полошо платени работни места.

„И во СР Германија кога постоеше дејноста производство на облека, нивните работнички земаа два до три пати помали плати од просечната плата во индустријата на Германија. Во најразвиените економии во светот во време на индустриската револуција предначеле металургијата, производството на челик, автомобилската индустрија, текстилната индустрија, како и други гранки кои вработувале поедноставен мануелен труд, каде не се барале повисоки квалификации и некои специфични знаења“, вели Димитров. 

Посочи дека со текот на развојот овие земји ваквите ниско – акумулативни гранки ги пренеле во земјите со развој, а кај нив ги задржале само високо стручните занимања, со многу иновации и претежно услужни дејности, најгласувајќи дека статистиката покажува дека во развиените земји учеството на услужните дејности е многу поголеми од земјите во развој.

Димитров се повика на светските аналитичари од областа на економија кои земјите ги делат според висината на Бруто домашниот производ по жител и објаснуваат дека најразвиените земји, со доход до 4,000 долари по жител, својот развој треба да го темелат врз извоз на суровини и евтина работна сила. Земјите со доход од 4,000 до 9,000 долари по жител, развојот треба да го темелат на преработувачката индустрија и извозот на готови производи. А, најразвиените земји врз база на иновации, високо технолошки производи и знаење. 

Нагласи дека оваа поделба не се случајна и таа зависи од големината на средствата кои земјите ги одвојуваат за образование и наука, потенцирајќи дека не може земја која издвојува помалку од 1% од БДП во наука да „сонува“ извоз на знаење. Поради ова, тој подвлече, едно се нашите желби, а друго можностите кои ги имаме. 

„Македонија во овој степен на развој мора да вложува повеќе во автоматизација, висока технологија  која ке ја купува од развиените земји и на тој начин ке ја зголеми продуктивноста и извозот. Ова на среден рок ке доведе до подигање на платите и стандардот на вработените, но не треба да се занесуваме дека ние преку ноќ ќе станеме извозници на лиценци и патенти и производители на високо технолошки производи“, вели Димитров. 

Според него, најголем приоритет треба да ни бидат реформите во образованието, затоа што младите кои ќе имаат доволно знаење ќе можат да отвараат и свои фирми во по пропулзивните дејности и да исплаќаат поголеми плати на вработените.

„Штета е да голем број од младите образовани луге ни заминуваат во странство и ќе допринесуваат на развојот на нивните економии, но промената на структурата на стопанствопто не се прави преку ноќ и ќе треба време, капитал и многу знаење да се постигне тоа“, истакна Димитров. 

Катерина Златановска – Попова, советник за кариеререн развој за порталот Работник вели дека како советник за развој на кариера кој секојдневно го следи пазарот на трудот како и интересите на младите, со посебен интерес и внимание ги разгледала резултатите од анкетата која истовремено е потврда на актуелната состојба и ја отсликува во целост ситуацијата во Македонија.

„Би сакала фокус да ставам на еден дел од добиените резултати. Имено, исклучително е интересен фактот во поглед на платата која испитаниците ја сметаат за фер (од 40.000 – 60.000 и повеќе) и која е повеќекратно повисока од минималната плата во земјата. Овој факт е јасен сигнал за сите работодавачи, се разбира надвор од ИТ индустријата, дека младите имаат сериозни очекувања и барања нивниот труд да биде соодветно вреднуван и награден“, вели Златановска – Попова.

Истакна дека комбинацијата на достојна плата, можност за кариерен развој и почитувања на правилата и законите очигледно ќе ја направи клучната промена во потребата младите луѓе да ја напуштат Македонија и очекуваа сите засегнати страни сериозно да постават политики и да ги исполнат овие базични очекувања ако сакаме да го спречиме одлевањето на младите и на неопходната работна сила од земјата.

Според различни податоци досега 500,000 луѓе ја имаат напуштено Македонија, најмногу заминуваат оние коишто имаат високи квалификации. Нивна најчеста дестниција се Германија, Австрија и САД. 

Бобан Илијевски