Интервјуа

Кога би влегле во генерален штрајк? – Интервју со Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати – КСС, Благоја Ралповски

Интервју со Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати - КСС, Благоја Ралповски - Работник
1.02Kviews

Порталот Работник направи интервју со Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски.

Како функцијата Претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија влијаеше на вашето работење во Агенција за катастар и недвижности?

Пред се сакам да кажам дека како Претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати, од кога сум на чело на оваа организација се соочувам со многу препреки и опструкции. Се соочувам со многу непријатности од позиција на Претседател на КСС и како што знаете дека во последните две години, односно во 2017 година кога го најавивме првиот протест на Конфедерацијата поради барањата на нашите права кои се во согласност со законите и колективните договори; барања коишто легитимно ги поставуваме во тој момент на Економско – Социјалниот Совет коишто Претседателот на тој Совет не сакаше да ги постави на дневен ред, дојдов до една многу непријатна ситуација, т.е. добив отказ од работното место којшто беше спротивен на сите закони што ги заштитуваат моите права како Претседател на една Конфедерација и којшто е спротивен на многу конвенции кои ги има ратификувано Македонија, но очигледно ништо не се почитува, така да опструкциите од страна на Владата, беа очигледни. И покрај се продолживме по патот на независното синдикално движење, по патот на просперитетот на синдикатот, се со цел, членовите на нашата Конфедерација па и сите работници во Македонија да ги остварат своите основни права. Правата на плата и правата на сигурни работни места.

Кои се вашите синдикални барања, во однос на правата на работниците?

Ние веќе една ипол година имаме една кампања во рамките на Конфедерацијата на слободни синдикати и гранските синдикати при КСС. Кампањата се нарекува „пристојни плати за пристоен живот“, каде што бараме покачување на платите, согласно покачувањето на минималната плата -25 %, затоа што се направи порамнување на платите на ниските носители на дејност со минималната плата и затоа е потребно да се направи вертикално усогласување на платите. Бараме и исплата на К-15 во јавниот сектор. Како и што кажа и јавниот правобранител кој испрати дописи до Владата дека сме ние дискриминирани, односно и сите други работници во Македонија, затоа што само нас не ни се исплаќа К-15 и затоа ја повикуваме Владата да покаже разум и да покаже кој е најдобриот работодавач во државата и да покаже пример на приватните стопанственици и да почне да се исплаќа К-15 во јавниот сектор. И третата работа што ја бараме е стоп за трансферот од јавен во приватен сектор, каде што кажуваме дека мошне ранливата јавна администрација е клекната на колена. Ако се направи таа трансформација од јавен во приватен сектор, ќе изгуби уште повеќе стручни лица, бидејќи во јавниот сектор во моментот постои бел штрајк. Многу луѓе што ја работат работата во јавната администрација и што ја носат на грб целата институција, се почесто се на боледување или некој даваат отказ или земаат неплатен одмор, така да во моментот при ситуација на бел штрајк може да направиме уште поголем проблем во јавната администрација поради поголемо продлабочување и затоа предлагаме како што е по примерот на соседните земји кои правеа реформи, да се замрзне процесот на вработување во јавниот сектор. На тој начин по природен пат ќе се намалат вработените во јавната администрација. Очигледно е дека тие работници коишто ќе се пензионираат не можат да го следат трендот на дигитализација на јавниот сектор, а од друга страна на еден начин ќе се спречи и политизираноста во јавниот сектор при вработување на партиски војници.

Најавивте дека има можност да влезете во генерален штрајк. Кога би се случило тоа?

После последниот предупредувачки протест којшто го направивме во саботата на 8 јуни пред Владата на РС Македонија, нема никаков одговор, а нема ни одговор ни по средбата што ја имавме еден ден претходно со стручните служби и со претставник на кабинетот од Премиерот. Кажавме и на состанокот, кажуваме и сега јавно, кажавме и на протестот дека имаат можност до крајот на јуни да се договориме околу нашите барања коишто се сосема легитимни и се согласно законите и колективните договори. Доколку не се случи до крајот на јуни, затоа што почнуваат годишните одмори, КСС поради обемноста на нејзините органи, преку членството, од најдолните органи коишто учествуваат во синдикалните организации, треба да донесат одлука за каков вид на генерален штрајк и дали треба да спроведеме класичен генерален штрајк. Би кажал некаде кон средината или крајот на септември, би дошле во ситуација кога би прогласиле генерален штрајк. Ние имаме голем притисок од членството да прогласиме генерален штрајк, но процедурите кажуваат нешто друго.

Во јавниот сектор има Склучено Општо колективен договор. Колку се почитува тој од страна на социјалните партнери?

Општиот колективен договор во јавниот сектор е склучен 2008 година. Негови потписници се Конфедерацијата на слободни синдикати Македонија и Владата на РС Македонија. Во суштина во тој Општ колективен договор којшто беше прв во јавниот сектор, затоа што до тогаш немаше колективен договор, се пропишани основните работнички права. За неколку нијанси тие се подигнати. Ние во 2014 година се обидовме да го отвориме Општиот колективен договор во јавниот сектор со тогашната Влада. Не се согласивме околу некои наши барања, затоа што баравме тука да се стави процентот со кој ќе се зголемува платата во јавниот сектор, баравме К-15 во јавниот сектор и поради тоа во 2014 година ги прекинавме преговорите. Одредени грански синдикати при КСС почнаа да изразуваат незадоволство и на улица, а некои од нив започнаа и штрајкови. Очигледно дека и оваа Влада нема слух за нашите барања, затоа еве кажуваме дека одредбите од тој Општ колективен договор, поради тоа што правата на работниците се минимално подобрени, некаде околу 80 до 90 % се почитуваат, но тоа е сосема малку за една земја која има аспирации кон Евро атлантските сојузи, за да имаме толку минорни работнички права, во споредба со соседните земји и со Европа.