Кога ќе имаме ТВ дуел на политичките партии за работничките права?
Автор: Бобан Илијевски
Освен постојаните политички препукувања помеѓу двете партии кои се главните конкуретни за формирање на следната Влада, друго нешто не гледам. Некој од нив живее во минатото, некој избегнува да даде одговор на конкретни прашања. Што да ви кажам?! Досега никого не слушнав да збори конкретно што ќе биде со работниците. Кажуваат само колку вработиле и колку „планираат“ да вработат и тука се завршува. А, ќе заборавев, зборуваат и за платите. За работничките права и за тоа како се третираат работниците, особено во приватниот сектор, во државава никој не зборува. Мислам дека на работничката класа од тоа и е дојдено преку глава, па според ова сметам дека една од причината за нивното заминување од државата е токму од негрижата за нив како луѓе кои придонесуваат за да може да се оствари профитот на компаниите.
Јас да се прашувам, би организирал еден ТВ дуел помеѓу двајцата лидери на најголемите македонски партии да зборуваат токму на оваа тема – работнички права. Постојано од примарна важност е политика, секундарна економијата, а терцијална судството или може некогаш да биде обратно, нема врска тоа. Длабоко се надевам дека ќе започнат да се прават и телевизиски или онлајн емсии кадешто акцент ќе се стави на работничките права, па ќе се вкрстат аргументите на двете страни за тоа кој што направил и што ќе направи во оваа област. Мислам дека работниците ќе сакаат да слушнат каква е нивната иднина тука, ако воопшто сакаат да ја оформат своја иднина во државава.
Јас донекаде разбирам дека државата не може да му се меша на приватникот или сопственикот на приватен бизнис во секој сегмент од работењето, но важно е да се вмеша кога се работи за кршење на работничките права. Државата треба да ја подига свеста, тие повеќе да се почитуваат, треба да инвестира во капацитетот на Државниот инспекторат за труд кој според најновото истражување на Хелсиншкиот комитет за човекови права е сеуште неефикасен во извршувањето на инспекциски надзор. Луѓето, работниците немаат доверба во него, па затоа и не пријавуваат. Не велам дека нема позитивни примери, но за жал тие се малку. Потребна е поголема регулација од страна на инспектортатот за труд врз приватниот сектор, во тие сегмени каде што има надлежност. На пример, има голем број на фирми во државава (особено микро и средни претпријатија) коишто на своите вработени не им ја исплаќаат платата во целост преку банка, туку мал дел им пуштаат преку трансакциска сметка, а поголемиот дел им го даваат на рака. Постојано зборувам со луѓе коишто работат во приватен секор и знаете што ми велат? „Што да правиме мораме така да работиме. Газдата ќе ти рече, ако не сакаш да работиш по мојот принцип ќе најдам друг што ќе работи како што сакам“. И тие мораат да работат, бидејќи ако дадат отказ или доколку бидат отпуштни од работа, а на следната работа (освен ако не се вработат во голема компанија каде што се е регулирано според закон), ги очекува истото патешествие.
Има многу случаи кога работадавачите не им плаќаат додатни часови и кога им даваат само по еден слободен ден месечно или секоја втора недела. Мислам, еден ден секоја втора недела или еден ден во месецот, нема да им биде во полза на работниците за да го искористат за себе и за свои активности или просто речено за да се одморат. Но, бидејќи во најголем дел овие работници работат сменски, работодавачите си викаат: „Ете имаат слободно пладне (кога се прва смена) или слободно претпладне (кога се втора смена) можат да се одморат“. Не и не. Не се доволни претпладнињата и пладнињата за да се одморат работниците. Ајде да ве видам вие така работете, па дали ќе успеете да се одморите.
Овие се само неколку примери коишто се најзастапени во однос на кршењето на работничките права. Затоа, сметам дека на оваа тема треба многу да се дебатира и уште многу да се работи на подобрувањето на работничките права.
Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник