НовостиПравдаСветот на работникот

Колкав буџет треба да има, а колку одвојува државата за Државниот инспекторат за труд?

   Време за читање 4 минути

Препораките на Владата за високите температури, кои не се задолжителни, не се почитуваат од страна на одредени компании, особено во градежниот сектор. Пред неколку дена, 30 фирми добија забрана за работа од Државниот инспекторат за труд поради непочитување на мерките, што покажува дека во Македонија препораките не се сфаќаат доволно сериозно.

Претседателката на „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева посочи дека изминатите денови до нив се обратиле работници, но и граѓани кои се пожалиле дека не се почитуваат мерките на Владата кои се однесуваат на работниците, а во врска со топлотниот бран. Таа за МИА рекла дека пријави им пристигнале од Штип, Скопје и Свети Николе.

Од Скопје и Штип имаше пријави за градежни работници, работници од јавни претпријатија во текот на вчерашниот ден (19 јули). Гледаме да реагираме со Трудовиот инспекторат и за ослободување и на бремените жени, а за хронично болните министерството за здравство сметаше дека нема потреба да бидат ослободени од работа, рекла Ампева.

Според неа, свеста кај работниците се зголемува оти се поголем број пријавуваат прекршувања на работничките права. Таа додаде дека имаат добра соработка и со инспекторите за труд кои ажурно работат на терен за да увидат дали се почитуваат препораките.

Претседателката на „Гласен Текстилец“ се осврна и на тоа што текстилните работнички во Штип се возат во неклиматизирани автобуси, за што тие како здружение имаат реагирно до надлежните органи.

Вчера таа на својот Фејсбук профил објави дека од страна на инспекторите за безбедност и здравје при работа, сообраќајната полиција и сообраќајниот инспекторат при Општина Штип се вршела контрола на автобусите кои превезувале работници до фабриките, по што еден превозник добил забрана за превезување на патници. Контролата покажала дека најчесто станува збор за претовар и неклиматизирани автобуси.

Таа посочи дека контролите на автобусите со кои се превезуваат штипските текстилни работници ќе продолжат и од понеделеник.

До тогаш имаат време да ги средат климите. Возат луѓе, а не предмети, и тие луѓе заслужуваат нормални услови и на работа и во превозот. Апел до работодавачите да ги контактираат и проверат условите во кои се возат работниците“, напиша Ампева на Фејсбук.

 

Мал број на инспектори

Вчера, Милан Петковски, стручно лице од областа на безбедноста и здравјето при работа објави еден Фејсбук статус кој се однесуваше на малиот број на инспектори и недоволните финансии. Во него тој напиша:

Честопати, но и во официјалните Извештаи на ЕУ се наведува(ше) малиот број на инспектори и недоволните финансии како еден од проблемите за #БЗР, но и трудовите поврзани прашања на национално ниво.
Членот 10 од Конвенцијата бр. 81 повикува на „доволен број“ на инспектори за да овозможат професионална услуга. Затоа МОТ препорачува бројот на трудови инспектори во однос на работниците да биде:
1/10.000 во индустриските пазарни економии;
1/15.000 во индустријализираните економии;
1/20.000 во економиите во транзиција; и
1/40.000 во помалку развиените земји.
Во македонскиот случај, со речиси 700.000 работници, проектираниот број на инспектори можете сами да го пресметате, во зависност од тоа како ја цените економијата на Македонија. Ако ја земам дури и препораката од 1/10.000 тогаш бројот на инспектори треба да биде околу 70.
Од друга страна, препорачан буџет за трудовата инспекција е 1% од националниот буџет. Според информацијата достапна на веб страната на министерството за финансии, оваа ставка кај нас изнесува 0,045%. Имајте предвид дека ова се насоки во која насока би требало да се развива нашата инспекција. Деталите и начините како да го реализираат тоа, им ги оставам на луѓето во инспекторатот.

Колку точно инспектори за труд има, е непознато. На 6 јули 2021 година, тогашната директорка на Државниот инспекторат за труд, актуелната Министерка за труд, Јована Тренчевска рече дека до крајот на јули истата година, ќе вработеле 22-јца нови инспектори. 
 
Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси