КОЛКУ ЛИЦА РАБОТЕЛЕ НА ДОГОВОРИ ОД ПО ТРИ ИЛИ ШЕСТ МЕСЕЦИ, А КОЛКУ НА НЕОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ?
Бобан Илијевски
Согласно податоците на Агенцијата за вработување за регистрирани пријави на засновани работни односи од евиденција и надвор од евиденција на невработени лица, во периодот од 1 јануари до 30 април 2023, биле склучени 64 505 работни односи.
Од нив, 26 490 биле склучени на неопределено време, а 38 015 на определено работно време и сезонска работа. Ова значи дека во дадениот период, бројот на склучени договори на определено време е за 43 % поголем од бројот на договори на неопределено време.
Во рамките на евиденцијата на невработени, вкупниот број на засновани работни односи изнесувал 10 707, односно 2 848 биле на неопределено време, а 7 859 на определено време и сезонска работа.
Вкупниот број на регистрирани пријави на засновани работни односи на лица кои се надвор од евиденција на невработени, во овој период, изнесувал 53 798. Од нив 23 642 биле на договори на неопределено време, а 30 156 на определено време и сезонска работа.
Несомнено, договорите на определено време се во многу поголем број од оние на неопределено и во 2023 година, а според некои експерти, јазот меѓу нив се очекува уште повеќе да се зголемува во иднина, во корист на работните односи на определено време.
Новиот Закон за работните односи предвидува намалување на времетраењето на работниот однос на определено време од пет на две години и дозволува да се склучат само три договори на определено во дадениот период.
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров, во изјава за порталот Работник, посочи дека ова е една од спорните одредби на сѐ уште не донесениот Закон.
„Сметаме дека покрај намалувањето на периодот на склучување на договори на определено време од 5 на 2 години, додатен проблем ќе направи одредбата која пропишува дека во периодот од тие две години, работникот и работодавачот можат да склучат најмногу три договори на определено време“, рече Димитров. Тој додаде дека исклучок се прави само кај сезонските вработувања и кај замената на привремено отсутен работник.
Нивните барања, барем кај новооснованите компании, да се дозволи поголем број на склучени договори на определено време, не биле прифатени.
„Ова може негативно да влијае на мотивацијата за отворање на нови компании во Македонија“, додаде тој.
Фото: freepik.com/ArthurHidden