ЕкономијаМакедонија

Колку приходи, трошоци и вработени имале македонските комерцијални медиуми во 2018 година?

Колку приходи, трошоци и вработени - Работник
261views

Според Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни услуги за 2018 година на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги на почетокот од 2018 година, освен Македонската радио-телевизија, програма емитуваа уште 128 комерцијални радиодифузери (58 телевизии и 70 радиостаници). Во текот на годината престанаа да ја вршат дејноста осум радиодифузери (ТВ Нова од Скопје, ТВ Телеканал А1, ТВ Канал еден, ТВ Сител 3, ТВ Лажани, ТВ Орбис, ТВ Канал Три и РА Слободна Македонија), а беа доделени две нови дозволи за телевизиско (Телевизија 3 и 1 ТВ) и една за радио емитување (РА 102-ка ФМ). Вкупниот број на комерцијални радиодифузери на крајот од годината изнесуваше 123 (53 телевизии и 70 радиостаници).

Вкупни приходи

Според Анализата приходите што заедно ги оствариле радиодифузерите во 2018 година изнесувале 2.451,65 милиони денари. 38,75% од овој износ биле приходи на јавниот сервис, 55,35% на комерцијалните телевизии и 5,90% на комерцијалните радиостаници.

Во неа се истакнува дека од година во година приходите во аудио и аудиовизуелната медиумска индустрија се во опаѓање. Во споредба со претходната година тие бележат пад од 6,03% и воедно се најниски приходи во последните пет години.

Вкупни трошоци

Анализата наведува дека трошоците кои заедно ги направиле сите радиодифузери во 2018 година изнесувале 2,537.52 милиони денари, од кои 971,03 милиони денари биле трошоците на МРТ, 1,419.56 милиони денари на комерцијалните телевизии и 146,93 милиони денари на комерцијалните радиостаници.

Број на вработени

Анализата покажува дека во 2018 година, просечниот број на вработени во редовен работен однос кај овие пет телевизии бил 572 лица, што е за 40 лица помалку од претходната година. Од нив, најмногу биле вработени во ТВ Сител (141 лице) и во ТВ Канал 5 (138 лица). Бројот на вработени во ТВ Алсат-М бил 111 лица, во ТВ Телма 99 лица, а најмалку вработени имало во ТВ Алфа (83 лица).