Колумни

Колумна: Бестрашна и Недопрлива Влада…

Бесстрашна и недопрлива Влада... - Работник
565views

Автор: Бобан Илијевски

Работниците мака мачат да ги остварат работничките права. Од секаде само барања, а од никаде глас. Медиумите трештат со наслови како: На повидок се очекува решение…, но само на повидок, а кога никој не кажува. Ајде, периодов е малку густ за Владата, поради метлите, назначувањето на нови министри, нови кадри во партиските кругови… Но, проблемот со неодговарањето на барањата од страна на синдикатите, не е од сега. Тоа е од далеку одамна.

Во 21 век, кога се зборува за постоење на демократија и живеење во хармонија, ние тука го имаме спротивното – непостоење на демократија и немање на хармонија. Реално ме чуди тоа што Владата барем малку не се плаши од автономната организација на Обединетите Нации, Меѓународната Организација на труд која досега многу пати има апелирано до Владата на Р. Македонија, за да ги почитува конвенциите кои ги има ратификувано. Од една страна пак, Меѓународната организација на труд не работи на принцип на санкционирање (што според мене би било клучно), туку работи на принцип на вршење на притисок и лобирање. Да потсетам дека Македонија беше единствената држава којашто не поднесе извештај до МОТ за почитувањето на ратификуваните конвенции, што МОТ го наведе во извештајот, со што упати јасна порака до Македонија дека треба да се стреми кон почитување на конвенциите. Сепак, јасно е дека МОТ во ниеден случај не може да се меша во внатрешните политики на државата, бидејќи никој не може да и наметне нешто, што таа самата не сака да го направи. Но, од друга страна непочитувањето на конвенциите може да влијае и на интеграцијата на Македонија во Европската Унија која се базира на почитување на човекови права, а работничките се човекови права.

Тука некаде се и Европска и Светска Конфедерација на синдикати кои постојано апелираат на почитување на работничките права, испраќајќи писма до владите и поддршка кон синдикатите. Меѓународната Конфедерација во својот Извештај за глобални права 2019 година, посочува дека Македонија е сместена во листата на држави каде што има системско кршење на работнички права. На истата таа листа се сместени и неколку африкански држави каде што воопшто нема работнички права и светската сила – Соединетите Американски Држави. Европската и Светската Конфедерација на синдикати испратија и заедничко писмо до Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија кое беше објавено на Порталот Работник, во кое искажа солидарност со македонските работници и наведоа дека Владата чиишто стремежи се насочени кон Евро – Атлантските интеграции, мора да ги почитува и третира работничките права.

После толку протести и толку јавно искажани барања, нема ниеден исчекор од страна на Владата чии претставници на телевизиските екрани се однесуваат како да раководат со Норвешка, а не со малата кутра Македонија. И само ветувања и празни ветувања. Каде е крајот, тоа никој не го знае.

Ставовите на авторот во оваа колумна во ниеден случај не ги изразуваат официјалните ставови на порталот Работник