Колумна: Право на доење од аспект на ЗРО

Колумна на Бобан Кочовски, познавач на областа на трудовото право и човечките ресурси

Работното законодавство во Република Македонија предвидува широк спектар на права и обврски за работниците, но и работодавачите при работен однос, па така предвидено е и правото на работничките кои што го завршиле своето породилно отсуство и започнале со користење на законски предвиденото право на доење на своите деца.

Имено, Законот за работните односи го предвидува правото на доење на работничките во чл.171 каде што таквото право се ужива во форма на пауза во текот на работното време која изнесува 90 минути во текот на еден ден. Важно е да се посочи дека во овие 90 минути се предвидени и оние 30 минути пауза кои што секој работник го следуваат во текот на полното работно време, односно дневна пауза.

Она што е специфично кај ова право е што истото не е докрај прецизирано, односно не е доволно уредено, па доаѓаме во ситуација која овозможува дискриминаторски однос, иако самиот закон се темели на анти-дискриминација кон сите вработени. Тоа е случај поради тоа што не секоја работничка живее на иста одалеченост од работното место, па мошне често ова право не важи подеднакво за секоја работничка, со што истата се става во подредена положба. Како за пример, работничка која што живее во Велес и работи во Велес ќе има реални услови за да го ползува ова право, но работничка која што живее во Велес и работи во Скопје – нема да може да го стори тоа.

Како решение во пракса (но не во сите компании!) се предвидува ослободување на работничките-доилки од работните места 90 минути пред завршување на нивното полно работно време, но тоа по својата природа не е во склад со интенцијата на законодавецот и начинот на користење на ова право.

Како потенцијално решение може да се предвиди скалесто користење на правото на доење кај работничките, во зависност од одалеченоста на работното место и местото на живеење, а онаму каде што тоа не би било возможно поради објективни причини – да се предвиди соодветен надоместок за овие лица или ослободување од работните обврски 1 час пред завршување на полното работно време.