Uncategorised

Колумна: Приватниците се еден посебен вид на „моќници“ во државава…

Приватниците се еден посебен вид на „моќници“ во државава... - Работник
810views

Автор: Бобан Илијевски

 

На повидок е 1 мај – Меѓународниот ден на трудот, па по тој повод решив да ја напишам мојата прва колумна каде ќе ги искажам моите лични ставови и гледишта за работничките права во Македонија, а воедно ќе споделам и мое лично работничко искуство. За жал во нашава држава, „моќниците“ се оние коишто ги држат конците во рака и се обидуваат да не управуваат како марионети. Некој од моите блиски пријатели, сигурно би ме убедувал да не ја напишам оваа колумна, бидејќи може да навлезам во проблеми, но искрено да ви кажам не ми е грижа, мислам дека доволно време молчев. Дојде време да прозборам

Кога го кажувам зборот „моќници“, не мислам само на политичките функционери, туку и на едни други, посебни видови на моќници – сопствениците на претпријатијата. Работниците се тие коишто најмногу страдаат и тоа не само во Р.С Македонија, туку насекаде низ светот. Меѓународната Конфедерација на синдикати -ИТУК, во 2018 година објави индекс, во кој прави анализа за државите каде што најмногу се кршат работнички права. И погодете што? Македонија се наоѓа на таа листа. За да не мислите дека лажам или се фолирам, можете слободно да ја отворите веб страната на порталот Работник, којшто излезе со статија за делови од индексот, каде што се споменува Македонија. Таму можете да видите дека Македонија е ставена на исти ранг со држави од Африка, поточно држави од трет свет, каде што и воопшто не постојат човекови права, а камо ли работнички. Кога ја погледнав оваа објава на порталот, добив нагон да ја напишам оваа колумна, која воедно е и вистинска случка во мојот живот, која сметам дека треба јавно да ја споделам, бидејќи не можам повеќе да молчам. Секој ден се повеќе и повеќе ме јаде однатре.

Како и секој млад човек во државава и јас бев решен се да работам, за да можам да имам пари лично за мене и моите потреби. Од моите пријатели дознав дека во една сендвичара во Гостивар, градот од којшто потекнувам, бараат келнер или народски кажано конобар. После неколку месеци, откако аплицирав таму, ми се јави сопственикот на таа сендвичара. Првата средба со него беше мед и млеко. Ми ги вети најдобрите услови за работа и рече дека напредокот и интересот, кај него се од големо значење. Добив одличен впечаток за него. Но и мене ме најде како во бајките, кога добрата кралица, одеднаш станува злобна вештерка. Првиот месец се одеше глатко, но потоа се се смени. Секој ден беше ново мачење за мене. Кога и да дојдеше на работа се дереше, се му сметаше. Во неколку наврати добивав закани од него дека ќе ми ја исече раката доколку уште еднаш го земам целиот бакшиш за мене (на почетокот ништо не ми рече за бакшишот и затоа го задржував за себе). За тие шест месеци додека работев таму, не бев под мобинг, туку под константна психолошка тортура. Врвот на се беше кога, наводно една поранешна колешка ја фатил на камера, во крадење. Без никаков доказ и мене почна да ме вика „лопов“ и да кажува на сите дека сум му украл пари. Неговиот син, којшто ни помагаше, поради големата гужва, во неколку наврати ми се раздра кога влегов во шанкот за да вратам на еден клиент кусур. Два пати сакав да заминам во сред работно време, но сопругата на сопственикот, ме разубедуваше да не ги оставам на цедило. Колку само неблагодарно. Врвот на се беше, кога дадов отказ. Сопственикот ми се јави и ме опцу, за најмилото. За мајка ми. Не знам, немам зборови за целата ситуација. Бев третиран како роб во времето на римската империја. Немав време ни да јадам, ни да пијам, а кога ќе јадев, веднаш одев во тоалет да повратам бидејќи ме болеше желудникот од храната. Едноставно рече, тие шест месеци беа пеколни за мене. Јас бев добар и љубезен и голем дел од клиентите, коишто доаѓаа ме почитуваа и јас ги почитував, но однесувањето на сопственикот кон мене, предизвика и јас да не можам да ги поднесам луѓето. Станав негативен и нервозен, а бев примерен работник. Поради сето тоа морав да дадам принуден отказ. Сеуште не сум оправен од целата таа психолошка тортура. Сепак, од сето тоа мачно искуство научив важна лекција, а тоа е како да постапувам со луѓето.

Оваа колумна и ова мое пеколно искуство, не го споделувам за да некој се сожали со мене, туку го споделувам за да практично укажам на фактите коишто ги посочи ИТУК за кршењето на работничките права во нашата држава.

Напомена: Колумната е составена од лични ставови на авторот, и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на Порталот Работник.