Колумни

Колумна: Робовладетелскиот работнички систем и „црната“ економија

Колумна: Робовладетелскиот - Работник
301views

Автор: Бобан Илијевски

Се најавуваат африкански жештини и температурите над 40 Целзиусови степени… Што ќе биде сега со оние работници кои работат на отворено. Дали ќе се почитуваат законските прописи за безбедност и здравје при работа?… Не би рекол. Тоа никогаш не било пракса, а и не верувам дека ќе биде. Синдикатите апелираа, но дали нивниот апел се слушна или ќе биде слушнат, можеме многу лесно да видиме. Само треба да излеземе на овие жештини и да посетиме некое градилиште. Нема да бидеме изненадени, доколку видиме градежни работници како мака мачат на ова прежешко време, работејќи на високите објекти.

Едно е факт – на работодавачите единствено им е важен профитот, а не животот на работниците и за тоа има доста примери. Најголеми жртви за профитот на работодавачите се работниците кои за време на жешките времиња се качуваат по високи згради и тоа не дека сакаат, туку ако не го направат тоа ќе останат без работа, а со тоа ќе останат и без примања, по што нема да можат да ги поддржуваат финансиски своите семејства. Тие се ставени во ситуација: или работи или отпуштен си. Сега му е мајката на Државниот инспекторат за труд да излезе на терен и да изврши контрола и каде што треба да преземе мерки, но мое мислење е дека тоа нема да се случи во блиска иднина, ниту во далечна.

Пишувајќи за ова ми текна на еден текст кој го прочитав за Црна Гора каде што бараат кривично да се гони оној работодавач кој нема да го пријави работникот. Црногорската граѓанска партија Алтернатива побара од три до 24 месеци затвор за оние работодавачи кои нема да го почитуваат законот за работни односи, во однос на пријавувањето на работниците. Кај нас во Кривичниот Законик се предвидува парична казна или казна затвор до една година. Во законот убаво си пишува, но прашањето за милион долари е дали се спроведува во пракса. Моето лично искуство ми кажува дека работодавачите воопшто не се санкционираат поради непријавување на работници. Особено ова важи за помалите градови во Македонија каде ретко има и инспекциски надзор.

Што ќе направат работниците во однос на овие проблеми останува да се види, а до тогаш само внимателно ќе набљудувам.

Колумната е лично дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник.