- Advertisement -
Uncategorised

Колумна: Со ниска плата од младиот човек не може да се очекува да создаде семејство

Колумна: Со ниска плата од младиот човек не може да се очекува да создаде семејство - Работник
752views

Автор: Бобан Илијевски

 

Во нашава мила, измачена татковина – Македонија се се базира на неисполнети ветувања. Ветување за покачување на плати – неисполнето. Ветување за подобар статус на вработените – неисполнето. Ветување за поголеми права на вработените во приватниот сектор, коишто се најголема мета на мобинг, поигрување и психолошко вознемирување (кое спаѓа во мобинг, но имам потреба посебно да го издвојам) – неисполнето… Има уште еден куп на неисполнети ветувања. Мене како дете, моите ме учеа да не ветувам нешто што не можам да го исполнам. По се изгледа дека овие кои ги кројат политиките, не се така воспитани.

Оваа колумна, како и претходната повторно ќе ја посветам на 1 мај – меѓународниот ден на трудот, но овој пат ќе се задржам на младите луѓе кои се вработени, но не се доволно платени (не секогаш по вина на работодавачот, туку поради лошата економската политика која се води во државава). Секој млад човек треба да има финансии на располагање за да може да води социјален живот. За да може да излезе и да запознае девојка/момче (зависно од полот), некаде во дискотека или кафуле му требаат пари. (Мислам дека ме разбирате што ми е поентава со аргументов). Како еден млад човек којшто работи за минимална од 12,000 денари, да се прехранува низ целиот месец, да плаќа сметки и на крајот да му останат пари за да може да излезе и да се забавува? А да не зборуваме да му останат пари за да оди во кино, театар, концерт или спортски натпревар. На ова прашање, никој нема дадено конкретен одговор, туку даваат одговори кои повторно се состојат од ветувања, што нема да ги исполнат. Колку иронично нели? Поради сите овие ветувања, голем број на млади луѓе се решаваат среќата да ја бараат надвор од Македонија. Секој втор млад човек кога го прашувам за работа, ми го одговара следното: „Еве бркам работам за бугарски пасош, ќе бегам за Германија“. Да ви кажам реално мака ми е кога слушам дека така ми велат. А, сакам, длабоко во себе посакувам барем некој да ми рече: „Овде убаво ми е, си имам добра работата, има добри парички, си терам супер“. Но, за жал никој не го кажува ова поради големата разочараност и недоверба во сопствената држава. Така да, младите луѓе се повеќе и повеќе губат надеж во Македонија, држава која има потенцијал и ресурси, но нема стабилен „кадар“ да управува со тие ресурси. Очекуваат од младите да создаваат семејства, а не прашуваат со кои пари ќе ги хранат децата. Сам човек не може да сврзе крај со крај, со ниските „социјални“ примања, а не пак да се грижи за семејство.

Велат дека просечната плата ќе се зголеми, а таа од февруари, 2019 година е намалена. Според порталот Економски.мк, Владата постојано кажува дека ќе ја покачи просечната плата, но последните информации на Државниот завод за статистика покажуваат дека нето платата во февруари изнесувала 24,192 денари, што е за 300 денари помала во однос на претходниот месец. Порталот Економски.мк нагласува и дека последните податоци на синдикатите потрошувачката кошница достигнала над 500 евра, што значи дека овие семејства што ги заработуваат овие пари можат да покријат само 74 % од основните месечни трошоци. Според анализата граѓаните трошат 73 % од своите примања за храна и пијалаци, додека најсиромашните семејства трошат речиси 77 % од парите на овие категории. Во европските проценти трошокот за храна и пијалаци изнесува само 19%. Самата анализа покажува колку македонските граѓани даваат пари за основните потреби, така да ова е доволен доказ дека економската ситуација на работниците е многу лоша. Лично, јас верувам дека ќе биде подобро, сепак надежта последна умира. Мое мислење е дека треба да се бориме за да создадеме стабилен живот во државата каде што сме се родиле и сме пораснале, но околните фактори го оспоруваат тоа.

Како заклучок би сакал да кажам дека Македонците се како пиреј, колку и да го кратиш, тоа пак ќе никне. Жителите на Македонија се борбен народ кој колку и да е во тешка положба, ќе успее да го крене товарот на грб и да го однесе до таму каде што треба. Ние никогаш не губиме надеж и постојано ќе се бориме за да обезбедиме пристоен живот.

Напомена: Колумната е составена од ставови на авторот и во никој случај не ги одразува ставовите на Порталот Работник.