Колумни

Колумна: Суровата експлоатација на текстилните работници

Суровата експлоатација на текстилните работници - Работник
478views

Автор: Бобан Илијевски

 

Текстот којшто беше објавен на Порталот Работник за приказната на текстилната работничка, што била изложувана на секакви понижувања од страна на Директорот на фабриката, и тоа пред двајцата инспектори на Трудовиот инспекторат, ме натера да напишам нова колумна. Едноставно ми е мака веќе да се вртиме во круг. Никој ништо не презема во државава во однос на трудовата експлоатација во трудоинтензивните дејности како текстилната, кожарската и чевларската индустрија. Секој ден овие работници подлежат на тортури, омаловажувања и понижувања од страна на „шефовите“ кои честопати знаат да ја вадат својата нервоза на преплашените, работници кои тежат дваесет килограми, поради тоа што не можат ни да ја искористат паузата за јадење, како што треба. На многу од нив не им се исплаќа ни минималната плата, има случаи каде што жените – работнички се сексуално вознемирувани, од страна на одредени моќници кои мислат дека покрај фабриката која е во нивна сопственост, дека и работниците се во нивна сопственост. Јас лично знам дека имало пример на сексуално вознемирување во една од многуте текстилните фабрики, но работничката се плаши тоа јавно да го каже, најверојатно поради страв дека ќе ја изгуби работата. Текстилните работнички кои имаат деца, не смеат да дозволат да останат без работа, бидејќи тогаш нема да можат да ги задоволат потребите на своите деца. А, дете како дете… Тоа бара да му се купи облека, бара пари за ужина во училиште, сака да оди на екскурзии, сака да шета и т.н. Доволно примери имам видено, јас лично, па знам каква се мака имаат тие.

Според Извештајот за трговија со луѓе со цел трудова експлоатација, текстилната индустрија е една од тие дејности каде што има ризик од експлоатација на труд, честопати поради несигурните договори за вработување, тешките работни услови и ниските плати. Исто така, оваа дејност се смета и за една од дејностите каде што делува „сивата економија“, односно има нерегистриран и неформален труд. Честопати се поигрува и со достоинството и честа на текстилните работници. Она што тие го преживуваат, не може ни да се замисли. Ова не значи дека во сите текстилни фабрики е исто. Сигурно, некаде постојат фабрики каде што се почитуваат работничките права до некој степен.

Инспекторатот за труд е оној којшто е најодговорен поради што се прекршуваат работничките права бидејќи неговата функционалност е сведена на минимала. Во некои градови тој воопшто не е активен, па дури ни на самата институција нема табла на која пишува дека во таа зграда се наоѓа Инспекторатот. Тоа е прв показател дека воопшто не се води ред за оваа институција, чија должност е да процени дали се кршат работничките права, а доколку се кршат треба да даде натамошни инструкции, за тоа кој ќе биде идниот чекор.

Во случајот на работничката, чија приказна беше објавена на Порталот Работник, нејзе и било кажано дека доколку сака да докаже кршење на работничко право, треба да тужи на суд. Иако Директорот ја навредувал пред инспекторите, тие му рекле дека нема да можат да сведочат на суд бидејќи биле државни службеници. Да беше ова некоја западна држава, каде што демократијата е во понапредна фаза, ова немаше да биде случај. Таму ќе им наложеа на инспекторите да излезат пред суд и да сведочат. Сепак тоа овде не е пракса. Постојано законотворците велат дека тие треба да се почитуваат и постојано го кажуваат тоа јавно, но се е тоа теорија. Спроведувањето на нивните зборови во пракса, е далеку недостижно за нас и ќе биде така се додека некој не направи еден чекор напред и го смени тоа. Не знам, можеби нашите деца во иднина ќе ја видат нашата држава, во светлото на демократијата.

Колумната се состои од ставови на авторот кои во ниеден случај не ги одразуваат официјалните ставови на Порталот Работник.