Колумни

Колумна: Угостителските работници и експлоатацијата

Колумна: Угостителските работници и експлоатацијата - Работник
348views

Автор: Бобан Илијевски

 

Експлоатацијата не е застапена само во текстилната, кожарската и чевларската индустрија. Големи жртви на трудова експлоатација се и вработените во угостителството, (се разбира дека не сите, но има голем дел). Исто така во угостителството најзастапена е и сивата економија, односно давањето на пари во плик. Ќе го осигураат работникот на минималец, а потоа ќе му дадат плус неклку илјади во плик; позната стратегија што ја имам видено со мои очи. Мислам дека секој еден што работел во кафуле, кафеана и т.н се случило да земе пари во плик. Некој би рекол: „па што му фали зема 300 евра“. Добро, зема. Но, зошто да не го осигура на 300 евра и да му плаќа придонеси, за кога ќе дојде време да се пензионора да зема поголема пензија. Со принципот „пари во плик“, губи работникот, а работодавачот е во добивка.

Експлаотацијата може да се забележи од повеќе аспекти. А, според мене едно од најголемите видови на експлоатација се неутврдените работни часови. Бидејќи угостителските работници работат по две смени, втората смена немаат поим кога ќе им заврши. Некогаш во 1 по полноќ, некогаш 2, 3 часот. Не се знае. Еден сопственик на кафеана еднаш ми рече дека до кога има луѓе, до тогаш се работи. Не било убаво да се бркаат, бидејќи немало да се врателе повторно. А од друга страна, друг сопственик на кафеана вели дека во 12 часот по полноќ им ги даваат сметките на последните муштерии и не ги услужуваат повеќе. Тој вели дека истите тие што останувале последни и не биле услужувани на крајот од работното време, повторно доаѓале во кафеаната. Она што јас можам да го забележам кај одредени сопственици на угостителски објекти е тоа што знаат понекогаш работниците да ги остават да работат по две смени. Јас не знам со каков памет го прават тоа и како очекуваат тие работејќи од јутра до сутра да работљт концентрирано, без да направат грешка. На крајот на краевите се се сведува на алчноста на сопствениците.

Угостителските работници имаат работа со секаков вид на народ и работат под мотото дека муштеријата има секогаш право. Ова мото им овозможува на муштериите да ги понижуваат, да ги пцујат и да им се закануваат на работниците, а тие кутри само да молчат и да работат. Некогаш може да се случи и некој угостителски работник да биде физички нападнат, од причина што не му дава пиење на одреден муштерија кој одбива да ја плати сметаката. А, ако муштеријата не ја плати сметката, треба работникот сам од својот џеб да ја плати. Сопствениците не реагираат на тоа воопшто. Некаде има обезбедување, па работниците се безбедни, некаде се препуштени сами на себе.

Нема определен стандарнизиран систем кој ќе важи за сите вработени во угостителските објекти, со кои ќе се бранат нивните работнички права. Од друга страна пак, Трудовиот Инспекторат воопшто не излегува на терен за да види што се случува. Знак прашалник е и дали ќе реагираат ако одиш да пријавиш. Така да, одредени угостителски работници се оставени сами на себе. Поради лошите услови за работа, несигурноста на работното место и кршење на нивните основни работнички права, угостителските работници се принудени да ја напуштат работата, обидувајќи се да најдат друга работа каде нема да работат во такви лоши услови.

За да се реши оваа лоша ситуација на угостителските работници, надлежните органи треба повеќе да излегуваат на терен и да вршат контроли. Во спротивно, оваа дејност во Македонија ја очекува само стагнација, губејќи многу работници.

Напомена: Колумната е составена од ставови на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник.