Комисијата за заштита на конкуренцијата три месеци не ѝ одговара на македонска компанија дали може да влезе во ТИРЗ
Договорот со првата голема македонска компанија која планира инвестиција во една од скопските развојни зони е подготвен и поднесен на разгледување кај надлежните институции пред околу три месеци, изјави денеска директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски. Тој вели дека договорот е кај Комисијата за заштита на конкуренцијата, која ако уште утре даде одговор, ќе можеме да се почнеме со реализација на договореното. Според него, компанијата требало да влезе во ТИРЗ во јуни годинава.
„Договорот е подготвен и поднесен на разгледување кај надлежните институции пред околу три месеци. Се уште очекуваме институциите да се произнесат пред да ја објавиме инвестицијата. Конкретно, договорот е кај Комисијата за заштита на конкуренцијата. Компанијата требаше да влезе во зоната во јуни. Ако добиеме одговор од Комисијата, уште утре ќе можеме да почнеме со реализација“, рече Деспотовски.
Првата голема македонска компанија чија инвестиција се најавува уште од минатата година, според директорот на ТИРЗ, ќе поттикне отворање на инвестицискиот потенцијал на домашните компании.