ЕкономијаМакедонија

Комората на сметководители бара меѓуинституционална координација

149views

Cметководителите со сите свои ресурси се залагаат да се овозможи претпријатијата да можат максимално да ги искористат мерките за поддршка, да може да функционираат и да не банкротираат поради неликвидност.

Сметководството, како дејност носи големи обврски и одговорности, со оглед на тоа што целиот процес по носењето на економските мерки од страна на Владата, преку појаснување и презентирање пред претпријатијата, како и спроведување на истите во пракса го реализираат сметководителите.

Недостасува меѓуинституционална координација и комуникација поради ненавремено објавени обрасци, доцна ажуриран софтвер и пласирање на нетестирани системски решенија што паѓа на грб на сметководителите кои се приморани да ги вршат истите активности по повеќе пати неуспешно, до конечно поднесување.

„Сметководителите и по два пати поднесуваат барања за помош, пресметки за плата и слично, со што се губи време наместо да се врши друга продуктивна работа и да се прават пресметки. Предизвиците со кои се соочуваат сметководителите во секојдневното работење во услови на пандемија се бројни, така барањето за финансиска поддршка на самостојните вршители на дејност беше поставено на Веб страницата на УЈП на 4.5.2020, со краен рок за поднесување 5.5.2020.

Новиот клиентски софтвер МПИН за наплата на придонеси беше подготвен на 11.5.2020, а краен рок за поднесок е 11.5.2020. Бројни барања за финансиска помош за претпријатијата од 14.500 денари финансиска помош за април и барања за субвенција на 50% придонесите кои се поднесени, се одбиени без причина поради системски грешки во е-даноците.

Бидејќи при носењето на мерките, Министерството за финансии не ги зема предвид ограничените ресурси на останатите институции и не ги искомуницира и искоординира активностите меѓу институциите, целиот товар на комуникација со стопанството ќе падне на грбот на сметководителите бидејќи овие рокови на објава, а врзани со крајните рокови за поднесување е многу тешко да се постигнат“, истакна денес Александра Андреева од Комората на сметководители на Македонија.
Сметководителите сметаат дека се потребни брзи, ефикасни и ефективни решенија наместо прекомплицирани процедури, како и неспремен систем кој не врши соодветна валидација на податоците.

„Во исто време сметководителите им ги објаснуваат процедурите на претпријатијата, што всушност треба да биде работа на надлежните институции, а за што премногу доцна се објавија контакти за информации кои не функционираат навремено согласно потребите. Во оваа ситуација сметководителите се ставени во функција на посредници меѓу институциите и претпријатијата, притоа и самите се соочуваат со ризик за ликвидност. За во иднина да не се соочуваме со вакви ситуации Комората уште еднаш ја истакнува својата подготвеност, нејзини членови да учествуваат во работните групи при носењето на законски решенија во областа на даноците, придонесите, финансиите и сметководството чие извршувања во пракса би паднало на товар на сметководителите“, изјави Андреева.

Во насока на подобрување на официјалната комуникација со надлежните, Комората минатата недела одржа состанок во Министертвото за финансии со министерката г-ѓа Ангеловска каде дел од овие проблеми беа презентирани и се очекуваат навремени реакции за надминување на предизвиците.