- Advertisement -
ЕкономијаМакедонија

Компаниите во април очекуваат пад на производството, извозот и прометот

Компаниите во април - Работник
239views

Во периодот од 7 до 14 април 2020 година, Стопанската комора на Македонија спроведе втора анкета за последиците од кризата предизвикана од корона вирусот за македонската економија и очекуваните ефекти од економските мерки на Владата. Оваа анкета имаше за цел да овозможи увид во регистрираните последици за компаниите-членки на Комората во март и очекувањата за април 2020 година.

Анкетата вклучува одговори на компании што минатата година заедно имале вкупни приходи од 94,4 милијарди денари или 1,53 милијарди евра. Според бројот на вработени, од анкетираните фирми, 21% се микро, 25% се мали, 29% се средни и 25% се големи фирми. Речиси подеднаквата застапеност на сите сегменти на претпријатија според нивната големина обезбедува дополнителна објективност и репрезентативност на анкетата.

Advertisement

Во однос на дејноста на анкетираните фирми, повеќе од половина, или 53% се од преработувачката индустрија и градежништвото, каде што на преработувачката индустрија отпаѓаат 36%, а на градежништвото 17%. Релативно значајно учество имаат и претпријатијата со објекти за сместување и сервисни дејности со храна, како и трговските претпријатија.

Најголем дел од анкетираните претпријатија, 17% се од Општина Центар, 10% се од Прилеп, 7% се од Гази Баба, по 6% од Илинден, од Битола и од Куманово, 4% од Тетово, итн. Дури 79% од анкетираните претпријатија работат повеќе од 10 години.

Advertisement

Анкетата обезбеди одговори на повеќе прашања. Денес ќе презентираме некои од нив, а дел ќе бидат презентирани во утрешното обраќање.

Во однос на суровините, 54% од анкетираните фирми немаат недостаток или прекин на достава на суровини. Преостанатите имаат проблем, и тоа: 26% имаат прекин за достава од ЕУ, 11% прекин за достава од земји вон ЕУ и 9% прекин за достава од земјата.

Што се однесува до залихите, 18% од анкетираните фирми немаат никакви залихи, а 58% од претпријатијата ќе ги исцрпат постојните залихи во првите два месеца од кризата. Ваквото ниво на залихи, комбинирано со недостатокот или прекинот на достава на суровини, укажуваат на потенцијално зголемени проблеми за претпријатијата по истекот на првите два месеца од кризата.

Во однос на производството, извозот, увозот и прометот, анкетата се однесува на согледаната состојбата за март 2020 година и очекувањата за април 2020 година.

Кај обемот на производство, во март 2020 година, 16% од анкетираните фирми пријавиле дека производството се одвивало нормално, но за април такво нешто очекуваат само 7%.  Пад на производството поголем од 50% за март пријавиле 17% од анкетираните, но за април таков пад очекуваат 23% од фирмите. Целосен престанок на производството во март пријавиле 13%, а такво нешто во април очекуваат 23% од анкетираните фирми. Сите други фирми очекуваат, со релативно рамномерен распоред на големината на падот, намалување на производството до 50%. Сето ова покажува дека за април компаниите очекуваат значително влошување на состојбите во поглед на обемот на производството.

Состојбите се слични и кај извозот. За март, 40% од анкетираните претпријатија пријавиле дека извозот се одвива нормално, а такво нешто за април очекуваат 34%.  Пад на извозот над 50% за март пријавиле 13% од фирмите, а очекувања за ваков пад во април имаат 15% од фирмите. Целосен престанок на извозните активности во март пријавиле 16%, а во април 2020 година тоа го очекуваат 22% од анкетираните фирми.

Сличен е трендот и кај увозот. Нормално одвивање на увозните активности за март пријавиле 32%, додека за април тоа го очекуваат 29% од анкетираните фирми. Пад на увозот за повеќе од 50% во март регистрирале 10% од фирмите, а такво нешто за април очекуваат 13% од фирмите. Целосен прекин на увозната активност за март пријавиле 15% од анкетираните фирми, но веќе 21% од нив тоа го очекуваат за април 2020 година.

Што се однесува до движењето на прометот, за март 2020 година вообичаено ниво на промет пријавиле 16% од анкетираните фирми, 13% од нив  пријавиле пад од 41% до 50%, а 25% од фирмите пријавиле пад на прометот поголем од 50%. Анкетата укажува на песимистички очекувања за прометот во април 2020 година. Така, само 4% од анкетираните фирми очекуваат нормален обем на промет, 10% од фирмите очекуваат пад од 41% до 50%, а дури 48% од фирмите очекуваат пад на прометот поголем од 50%.
Влошените очекувања за април, искажани од страна на фирмите во анкетата на Стопанската комора на Македонија, добија своја генерална потврда од јавно искажаните наоди на Управата за јавни приходи во однос на падот во наплатата на данокот на додадена вредност во првите две недели на април.

Извор: Стопанска комора на Македонија

Advertisement