ЕкономијаМакедонија

Компаниите во трговијата прават прегрупирања за ослободување на одредени категории на работници

Компаниите во трговијата - Работник
243views

Ако се има во предвид потребата на граѓаните за континуирано секојдневно снабдување со прехранбени производи во услови на вонредна состојба и ограничено движење,  што поттикна и поголема потрошувачка за набавка на основните производи за храна, хигиена и сл., за очекување е дека маркетите како дел од малопродажната трговска мрежа бележат позитивни резултати во својата работа, велат од Здружението на трговија при Стопанската комора на Македонија за портал Работник.

„Сепак, не се сите форми на малопродажба во иста позиција согласно мерките кои се преземаа за заштита од корона вирусот. Групата на компании кои имаат ланец на продавници лоцирани во затворени трговски центри – молови, во овој момент се затворени. Како резултат на тоа, целокупниот промет на добра во истите е застанат, а компаниите се обидуваат да го задржат бројот на вработените. Тие секако генерираат трошоци, а крајниот исход дополнително ќе се пресметува имајќи ги во предвид од друга страна и мерките на Владата за поддршка на засегнатите дејности и сектори, кои им стојат на располагање“, велат од Здружението.

За тоа дали има доволно работна сила во маркетите и продавниците од Здружението на трговија велат дека согласно добиените податоци и информации, компаниите прават внатрешни прегрупирања согласно вонредните мерки за ослободување на одредени категории работници од работа, како и препораките за работа од дома, онаму каде деловниот процес тоа го дозволува.

„Процесите на набавка, производство и продажба се прилагодуваат согласно вонредните состојби и се применуваат алтернативни мерки и начини за да се заокружи производниот и услужниот процес на делување на компаниите“, велат од Здружението.

Во однос на тоа колкав е процентот на маркети кои работат по принципот нарачка – достава, од Здружението на трговија велат дека кризата и вонредните услови ја наметнаа потреба дел од активностите во сегментот на прехраната но и трговија во малопродажба со прехранбени производи, облека, текстил,  бела техника, и други видови производи да се продаваат преку on line достава, што како модел на продажба постоел и во претходниот период, но кризата и условите наметнаа поголема примена на ваквата форма на продажба.

„Сите маркети, трговски дуќани, деловни субјекти кои имаат можност го применуваат моделот нарачка – достава. И видливо е дека ваквата форма на продажба има драстичен пораст во услови на пандемијата кога нормалното функционирање е во голем процент отежнато, а во одредени делови и целосно оневозможено“, истакнаа од Здружението.

Од таму посочуваат дека обидите на компаниите да се прилагодат на нестандардните услови, е потврда дека во одредени случаи како моменталната вонредна ситуација е причина интервентно да се применуваат форми и модели на делување со цел да се опстои во бизнисот, и истовремено да се задоволат потребите на купувачите.

Бобан Илијевски