ЕкономијаМакедонија

Компании од Неготино: Државата ќе изгуби најмногу, ако не ни помогнете како што треба

Компании од Неготино - Работник
81views

Компании од Неготино, од подружницата на Сојузот на стопански комори, излегоа со предлог барања до Владата за финансиска помош и олеснувања, за справување со кризата од Ковид-19.

– Со оглед на мерките и препораките што се преземени против ширење на вирусот, ние, особено микро и малите компании на ниво на целата држава, (кои патем полнат “само” 80 отсто од буџетот), сме засегнати поради тотално намалениот проток на работа, но и директно намалениот промет поради мерките за забрана за движење на населението. Прометот е сведен на нула и сите ние сме приморани да ги затвараме нашите објекти, продавници, локали и слично, што повлекува само по себе и потреба за отпуштање на нашите вработени, стои во барањата.

Претставниците на повеќе компании велат дека „вонредната состојба поради корона вирусот во нашата држава и секаде во светот не е по наша вина”.

-Ние како и сите останати, не можевме да ја предвидиме сегашната ситуација и сме во целосна загуба. Бидејќи имаме вложено парични средства во роба за сегашната сезона. Таа роба ќе ни остане непродадена, а за неа се платени сите увозни и царински давачки и сме останати без никакви финансиски средства за работа и живот, нагласуваат тие.

Затоа бараат, во уредбата на Владата да се вградат неколку работи. Бараат покривање на бруто платите за месеците април, мај и јуни, со можност за продолжување, доколку кризата трае подолго од овој период.

-Бараме помош во вид на неповратни средства од државата бидејќи и било какви кредити за покривање на нашите трошоци значи пропаѓање на нашите фирми. Во никој случај да не се изостават управителите, основачите кои воедно се и вработени во сопствените фирми и имаат ефективни работни часови со покривање на бруто плата. Иземање на условот, кој користел субвенции да нема право да ги користи мерките. Мораториум на аконтација на ДДВ. Да се повлече условот за задржување на ист број на вработени (затоа што ликвидноста на фирмите е многу неизвесна). Ослободување од ДДВ, како и ослободување од К-15 за тековната година. Сите ние сме имале храброст да излеземе на пазарот на труд, да заработуваме за себе и да вработиме по еден и повеќе вработени, кои директно со целите нивни семејства зависат од приходите кои ги земаат од нашите фирми, се вели во барањата.

Во изминатиот период, се додава, ги почитувале сите закони, ги плаќале редовно сите обврски кон државата.

-Сега е потребно државата да ни ги врати дел од средствата кои сме ги плаќале сите овие години за да ја одржиме ликвидноста на нашите фирми, нашите семејства и семејствата на нашите вработени. Доколку државата не ни возврати, многу од нас ќе бидиме принудени да ги затвориме дуќаните, да ги отпуштиме вработените, а со тоа сите губиме. Државата најмногу. Време е сега, претставниците на Владата и нашата држава да имаат слух за нашите проблеми и да бидат солидарни со нас. Време е да се предлагаат мерки кои нема да бидат дискриминирачки, за некој повеќе, за некој помалку, а ние останавме на работ на пропаста како граѓани од втор ред без никаква помош, велат меѓу другото претставниците на компании од Неготино.

Бараат нивниот апел да се сфати најсериозно.

-Бидејќи, доколку не ни се излезе во пресрет со помош во најбрзо време, сите ние ќе ги испуштиме нашите вработени по примерот на угостителите, стои во нивните барања , пропратени со печати и потписи од повеќе компании.

Извор: Лидер