МакедонијаПравдаСветот на работникот

Кочовски: Некои од „невладините“ манипулираат со работниците, нивната цел не е да им помогнат

Кочовски: Некои од „Невладините“ манипулираат - Работник
448views
Околу 12 илјади лица се евидентирани во АВРМ дека останале без работа од почетокот на март до крајот на јули поради коронавирусот. Само минатиот месец на 2.500 лица им престанал работниот ангажман. Како ги коментирате овие податоци? Дали имате дополнителни сознанија во врска со работници кои останале без работа?

Техничката Влада која што требаше да се справи со корона кризата јавно има изјавено дека самите откази тие не ги толкуваат како зголемување на невработеноста, туку дека било потребно да помине одреден временски период за лицето да се смета како невработен, исткна Бобан Кочовски, координатор на трудовиот и правниот сектор на Левица, за порталот Работник, на прашањето како ги коментира податоците за тоа дека 12 илјади лица се евидентирани до АВРМ дека ги загубиле своите работни места од почетокот на март, до крајот на јули поради корона вирусот. 
 
Според Кочовски, само од угостителскиот сектор изјавиле дека своето работно место го загубиле поголем број на работници од бројката презентирана од АВРМ.
 
„Каде се другите, каде се текстилците, градежниците и останатите? Знаете, манипулации беа правени во целиот процес со отпуштањето на работниците и наместо државата да се обиде да изнајде решение за овој негативен тренд, таа скоро и да не се заинтересира за нешто такво. Дотолку повеќе, техничката Влада носеше разни уредби со законска сила кои што воопшто и не се однесуваа на работниците и нивната егзистенција. Како за пример би ја земал уредбата со која токму тогаш морало да се одлучува за промена на името и изгледот на монетите на нашата државна валута“, вели Кочовски. 
 
Наведе дека не би сакал да ги изостави и самите работодавачи кои што, како што вели, мошне итро и нечесно, ги “изиграа“ своите вработени кои што биле вработени по основ договор на определено време, каде што по истекот на времетраењето на договорите, овие работници не добиле обновување и биле оставени сами на себе.
 
„Целиот овој негативен тренд на отпуштања за жал ќе продолжи и понатаму, се плашам и неколку кратно поекстремно, поради слабата економија во Република Македонија, презадолженоста, незаинтересираноста на државните органи да се позанимаваат со оваа материја, секако и пасивноста на синдикатите кои што воопшто не беа релевантен фактор, па дури ни активен учесник во одбраната на работните места на сите оние избркани луѓе“, посочи Кочовски.
 
Вели дека не би сакал да шири паника, но, постојано добивал известувања од страна на работници од разни области, претежно конфекции, но и од големи компании за кои што никогаш не би ни помислиле, каде што голем дел од тие известувања се однесуваат на најави за нови откази во фирмите во кои што работат.
 
Кочовски се надева дека страшните сценарија и најави кои што доаѓаат до него нема да се остварат и дека ниту еден работник нема да биде жртва на оваа криза.
 
Порача дека во секој случај, сите коишто се занимаваат со оваа материја мораат да бидат спремни и на готовност за да помогнат на сите кои што ќе имаат потреба од нивната помош, па како што тоа беше случај и до сега, Правниот Сектор на Левица останува отворен за секој работник да ги оствари своите права.
 
Верува дека успеале, дека беиле коректни и максимално услужливи со сите оние работници со кои што соработувале, а како што вели, ср работи за бројка која не била мала – над 15 000. 
 
На прашањето зошто во своите фејсбук статуси ги обвинува некои од невладините организации дека создаваат само илузија за борба за работничките права, Кочовски вели дека има разлика од невладина до “невладина“.
 
„Првите се оние од рангот на „Ленка“ – организација која што беше водена од неподмитливи активисти кои што герилски, без да се “продадат“ на странски фактор или домашни политички партии направија огромни позитивни промени кај работниците. Токму овие ативисти работеа без да бидат водени од желбата за поголем профит, практично даваа пари од свој џеб за да помогнат на секого на кого помошта му е потребна“, рече Кочовски.
 
Тој ги посочи Димитар Апасиев и Реџеп Исмаил Хактан како едни од најистакнатите претставници на „Ленка“ кои што, како што вели, мака мачеле низ текот на годините, но никогаш не се откажале.
 
Истакна дека од друга страна се новите “невладини“ кои што се финансирани од странски амбасади, СОРОС, домашни политички партии, кои што, според него, се практично привезоци и ништо повеќе.
 
„Токму овие вториве даваат активна и недвосмислена подршка на политичките партии, а посебно на СДС, при што неколку од овие “невладини“ и теренски беа ангажирани да агитираат на претходните парламентарни избори. Секако, тие тоа нема никогаш да го признаат и ќе апелираат да не бидат партиски обојувани, но нивните дела говорат многу повеќе од нивните зборови. Дека овие “невладини“ вршат невидени манипулации, тоа е факт, но за жал тие се мошне добро медиумски покриени и ги злоупотребуваат овие механизми за ‘ситнење на работничкиот отпор’ “, вели Кочовски. 
 
Нивните претставници со слаткоречиви приказни секогаш ги манипулираат работниците да посегнат по наводната помош која што ја нудат, за на крајот да добијат само едно обично пријавување во Државниот Инспекторат за Труд, а ако се од оние “посреќните“ – и правен совет, вели Кочовски, истакнувајќи дека судските постапки се реткост, иако овие “невладини“ добиваат десетици илјади евра годишно, кои што, како што вели, ги трошат на меѓусебно доделување на високи хонорари.
 
„Мојата почит ја загубија во оној момент кога локална “невладина“ во Велес изманипулира над 2 000 стечајци да излезат на некаков наводен протест, само за да бидат однесени на митинг на лице блиско до СДС, кое што подоцна тие го исвиркаа и избркаа бидејќи воопшто не им беше дојдено до митинзи. Друг пример кој што би можел да го наведам е кога настана случајот со АД „Стоби“ каде што беа избркани околу 250 работници, спор кој што лично го работам сеуште со Правниот Сектор на Левица, одредени “невладини“ организации пробуваа на разни начини да ги изманипулираат избрканите работници да се откажат од бесплатната судска постапка која што ја нудевме, што морам да признаам дека голем дел од работниците останаа со нас, но оние кои што поверуваа на овие слаткоречиви измамнци добија само пријава во Државниот Инспекторат за Труд и ништо повеќе“, рече Кочовски.
 
Како пример ја зеде и здравствената криза која што траеше оваа година. Според неговите зборови, официјален податок на една од највлијателните “невладини“ организации е дека во соработка со друга локална “невладина“ помогнале на едвај 100 работници кои што беа претежно од Скопје, Штип и Свети Николе, додека, како што вели, политичката партија Левица помогнала на над 15 000 работници кои што ги загубиле своите работни места или пак имале проблем со ослободувањето на еден родител на дете до 10 години.
 
„Како што истакнав и претходно, “невладините“ останаа куси во своите дејствувања и не понудија ништо конкретно, додека Правниот Сектор на Левица поднесе неколку граѓански и кривични тужби, правни совети, изготви предлог мерки за подобрување на благосостојбата на работниците кои што беа доставени до техничката Влада, како и континуирани пријави до Државниот Инспекторат за Труд и Државниот Пазарен Инспекторат. Оваа тема не би можел доволно добро да ја елаборирам во ваков формат на излагање на моите ставови, а во интерес на читателите би запрел овде, по што се надевам дека во иднина ќе можеме да ги анализираме и останатите аспекти од оваа област“, истакна Кочовски. 
 
Во однос на неговото тврдење на социјалните мрежи дека Законот за работни односи е направен за да им служи на елитите, Кочовски вели дека треба да се започне од тоа колку пати се носени и менувани закони кои што треба да ја уредуваат материјата на работниците и многу нешта ќе станат појасни.
 
Според него, од осамостојувањето на Република Македонија па до денес контиунирано се “ослабнувани“ правните механизми кои што би требало да ги штитат правата и интересите на работниците, нешто што беше правено мошне стратешки и постепено.
 
„Како за пример, доколку работникот пред неколку години добиел отказ, тој имал право да поднесе приговор во рок од 15 дена, додека сега за истата таа работа овој рок е значително намален! Самите закони се направени на тој начин што обичниот работник не би можел самиот да пронајде “чаре“ за својот проблем, со што тие се принудени да плаќаат скапи адвокатски тарифи и уште поскапи судски такси. Бидејќи во овој момент Правниот Сектор на Левица е во процес на изработка на нов Закон за работни односи, не би можел детално да ги произнесам сите новини кои што сметаме дека се неопходни за подобрување на животот на работниците. Она што би можел да го истакнам е дека се залагаме за промени во работното време на работниците, од 8 на 6 работни часа во текот на денот, укинување на менаџерските договори, намалување на времетраењето на договорите на определено време од 5 години на половина година, како и некои други финеси кои што би имале големо значење за секој работник. Дали е ова доволно? Секако дека не, но е добра основа за понатамошна надградба“, вели Кочовски. 
 
Бобан Илијевски