Која е причината за отказите во текот на вонредната состојба?
Сега се наоѓаме во првиот бран на големи отпуштања кои се случуваат во Македонија и тоа е резулатат на кризата предизвикана од корона вирусот и има економски последици и економски ефекти, вели проф. д-р Лазар Јовевски во утринската емисија на Алфа.
„Самото отпуштање на вработени, не нешто непознато и ново, бидејќи според логиката на нештата, најчесто кога компанијата има одредени проблеми при работењето, први на удар, гледано историски наназад, отсекогаш биле работниците. Потешко е да се крати од други трошоци, како енергенси или слично, а работниците се најслабата карика и поради тоа се први на удар на работодавачите“, вели Јовевски.
Според него, тоа што се случува во моментов ќе продолжи да се случува, поради тоа што ова е првиот бран. Вели дека сеуште нема податоци за тоа колку луѓе се отпуштени во месец март. Агенцијата за вработување ги евединтира отпуштањата, меѓутоа официјални информации и податоци сеуште нема.
„Ќе видиме колку ќе има отпуштања и во текот на месец април, така што ова е еден процес којшто се случува“, вели Јовевски.
Во однос на договорот за вработување, во него би требало, но многу пати во пракса не е така, да се наведени одредените услови за промена на самиот договор и условите за отпуштање, вели Јовевски. Тој нагласува дека доколку ги нема во договорот, ги има во Законот за работни односи и Колективните договори.
„Тоа што во овој момент се случува во пракса е да работодавачите најчесто ги повикуваат вработените и им нудат спогодби за престанок на работен однос. Ова не е типичен вид на отказ којшто се дава на работникот“, вели Јовевски.
Тој посочи дека отазот може да се даде од три основни причини. Првата причина е поради прекршување на работниот ред и работната дисциплина од страна на вработениот. Тој вели дека во овој случај такво нешто нема. Вториот вид на прекинување на работниот однос е отказ заради лични причини. Овој вид на отказ се дава на вработениот поради немање на доволно вештини и компетентност. Но, како што вели Јовевски, во овој случај и ова го нема.
Тој објасни дека третиот вид на отказ е отказ од деловни причини кој се дава поради настанување на технолошки вишок.
„Единствено правно решение коешто одговара на актуелната ситуација коешто може да се употреби согласно Законот и Колективните договори и да престане работниот однос е т.н. технолошки вишок, односно отказ поради деловни причини, за да може целиот процес да биде правно заокружен“, истакна Јовевски“.
Тој потенцираше дека во пракса се случува нешо спротивно, односно еден феномен којшто не е непознат во Македонија. Посочи дека на вработените во минатото им се давало да потпишат бланко листови, притоа не знаејќи што потпишуваат, а потоа испаѓало дека е спогоден престанок на работниот однос.
Јовевски додаде дека и сега им се нудат такви спогоди и вработените под притисок или доброволно ги потпишуваат.
Бобан Илијевски