Кој е виновникот за „гладијаторските борби“ помеѓу малолетни деца?
Автор: Бобан Илијевски
Што се случува со нашето општество? Дочекавме да гледаме малолетни деца како се тепаат на улиците во центарот на Скопје, додека возрасни луѓе се обложуваат на тие „борби“. Зарем дојдовме до тој степен? Можно ли е толку да сме потфрлиле? За жал и на двете прашања одговорот е потврден. Лично, згорезен сум од тоа што го видов по медиумите и разочаран откако слушнав дека надлежните органи не знаат ништо за ова. Според мене, сето ова што се случува е показател за тоа дека не функционираат две многу важни работи: образовниот систем и родителската дисциплина.
За жал, нашето образование веќе подолго време, односно од осамостојувањето на Македонија, не функционира. За тоа не се виновни учителите, наставниците и професорите, туку оние коишто ја кројат образовната политика. Нивна должност е да кројат политики кои ќе бидат во насока на кревање на свеста на децата, најмногу за најмоќното нешто коешто постои во светот – интерентот (под интеренет се подразбираат и социјалните мрежи). На децата, коишто патем медиумите ги нарекоа „гладијатори“, не им дошла сама идејата, па си рекле: „Ајде да излеземе сред центар и да се тепаме пред толпа народ“. Според моја претпоставка, тие таканаречните „борби“ за прв пат ги виделе на интерент или на социјалните мрежи. Можеби некои други деца, од некоја друга држава тоа го правеле, па го ставиле на интернет. Нашите деца тоа го виделе и посегнале и тие да го направат истото. На почетокот напишав дека возрасни луѓе се обложувале на тие „борби“. Сметам дека до овие луѓе треба да се пронајдат и јавно да се покажат нивните лица пред народот, за да види какви (не)луѓе живеат во нашата држава. Полицијата требаше веднаш да интервенира и да ги најде, но не го видовме тоа. Можеби ќе го видиме во блиска иднина.
Некои од луѓето коишто ги познавам јас, велат дека треба целосно да се реформира образованието. Се согласувам со ова, но тука би додал дека посебен акцент би требало да се стави врз кревањето на свеста на децата за лошите страни на интерентот. Секако, тој може да биде корисен, но дупло повеќе може да биде штетен доколку се користи несоодветно. Некои вината ја насочуваат кон наставниците. Јас лично не мислам дека тие се виновни. Зошто? Бидејќи немаат начини како да се справат со современиот напреден свет. Не смеат веќе ни да повишат глас врз децата (не велам дека треба да ги удираат, како тоа што било во времето на Југославија и јас сум против тоа). Мислам дека треба да се воведат посебни предмети кои би се бавеле со оваа проблематика, односно со опасностите на интерентот, за да на тој начин наставниците успеат да допрат до децата и да ги насочат на кој начин да го користат интерентот.
Вината во најголем дел лежи во родителите. Во САД има нешто што се вика Parent control (родителска конторола), систем преку кои родителите можат да ја избираат содржината до која нивните деца би имале пристап интеренет. Би требало ваквиот систем да се воведе и кај нас, но кога ќе биде тоа? Можеби откако ќе запрат политичките препукувања и популистичките мерки на оние коишто треба конечно ќе се посветат кон кроење на политики во корист на народот. Што се однесува на родителите, секој од нив понесува одговорност за своите деца и нивното примарно воспитување или дисциплинирање треба да дојде токму од нив. Постојат случаи, каде што деца постојано се на улица, прават што сакаат, не почитуваат постари и доколку некој ги „искара“, тогаш нивните родители излегуваат и се бунат. Е, не треба да се буните. Единствено само вие сте виновни за однесувањето на вашите деца. Треба да посветите повеќе внимание на вашите деца за да ги насочите кон правилниот пат во животот.
Во ерата на технологијата и дигитализацијата, воспитувањето на децата станува тежок предизвик, но бидејќи сте одлучиле да бидете родители, потребно е да се соочите со тој предизвик. Не дозволувајте вашите деца да бидат под влијание на интерентот, туку научете ги како тие да влијаат врз него, а воедно и да извлечат придобвки. Интерентот може да биде голем извор на информации кои на децата можат да им помогнат да станат подобри и пообразовани луѓе. Не смееме никако да дозволиме да бидеме под наредба на нешто што самите сме го создале.
Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник