ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Кој ќе добие помош со реализација на четвртиот пакет мерки кој тежи 470 милиони евра?

Кој ќе добие помош со реализација - Работник
57views

Поддршката со ребалансот наменета за граѓаните и стопанството со цел да се ублажи влијанието од коронакризата тежи 470 милиони евра. Од нив 4,3 милијарди денари се предвидени за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор, 1,6 милијарди денари за финансиска поддршка за ранливи категории, 412 милиони денари за производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, 9,8 милиони денари за туристички водич, регистрирани како самостојни вршители на дејност, 120 милиони денари за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања, 66,85 милиони денари поврат за Викенд без ДДВ, 799 милиони денари за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка и 330 милиони денари за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби

Ребалансот на буџетот ја помина собраниската процедура и го отвори патот за спроведување на мерките од четвртиот пакет мерки. Дел од мерките може веднаш да се реализираат, за дел ќе треба, и покрај носењето на ребалансот, да се чекаат законските решенија со кои се уредени, а кои, исто така, се во собраниска процедура.
Поддршката со ребалансот наменета за граѓаните и стопанството со цел да се ублажи влијанието од коронакризата тежи 470 милиони евра.
Предвидени 4,3 милијарди денари за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор со надоместок во интервалот од 14,500 до 21,776 денари,во компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата, 1,6 милијарди денари за финансиска поддршка за ранливи категории погодени од ковид-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај погодените сектори, 412 милиони денари за Поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, 9,8 милиони денари за поддршка на дејноста туристички водич, регистрирани како самостојни вршители на дејност, 120 милиони денари за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања, 66,85 милиони денари поврат за Викенд без ДДВ, 799 милиони денари за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, со што се нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик и 330 милиони денари за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.
За мерките ќе може да се аплицира од почетокот на следната недела, најави министерот за економија Крешник Бектеши.
-Треба да се усвои ребалансот на Буџетот, а во текот на оваа недела ќе се изгласа и Законот за финансиска поддршка за исплата на плати. Од следната недела компаниите ќе може да аплицираат, не само за оваа мерка, туку и за останатите мерки имајќи предвид дека голем дел од мерките се спроведуваат преку програми кои што треба да ги донесе Владата и за нив треба да бидат објавени огласи, рече Бектеши.
Од Управата за јавни приходи, која ќе ја спроведува мерката за поддршка на платите, очекуваат дека предлог-законот за оваа мерка кој е во собраниска процедура ќе биде донесен во најкраток можен рок и ги повикуваат работодавачите кои имаат можност да ја исплатат платата,а по донесување на законот ќе имаат можност да поднесат барање и да направат корекција на образецот за користење на финансиска поддршка.
-Имајќи го предвид фактот дека законот сè уште не е донесен, како и краткиот рок за поднесување на барањето за финансиска поддршка за исплата на платите на работниците, работодавачите кои имаат можност за исплата на платата, може истото да го сторат веднаш, а по донесувањето на законот ќе имаат можност да го поднесат барањето и да направат корекција на МПИН образецот за користење на финансиска поддршка за исплата на платите, наведуваат од УЈП.
Барањето за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати, појаснуваат, ќе се поднесува до УЈП преку системот е-Даноци, a УЈП во рок од три дена ќе ја провери и потврди комплетноста на барањето.
-Управата за јавни приходи, го подготви системот е-Даноци за поднесување Барање за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати и веднаш по донесувањето на законот и подзаконскиот акт, на интернет страницата, ќе го објави образецот Барање за финансиска поддршка за исплата на платите на работниците ќе го постави на системот е-Даноци за непречено поднесување од страна на работодавачите, појаснуваат од УЈП.
Ребалансот обезбеди и финансиска поддршка за децата без родители, мапирање стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид, изградба на дел од третиот крак за водснабдителен систем во село Липково и водоснабдување во Мала Речица, довршување на филтер станицата во Штип и Карбинци, реставрација на мост во село Уланци, дополнителни средства за одржување археолошки локалитети и средства за организација на резервни офицери.
Ребалансот беше донесен по петдневна расправа, колку што предвидува собранискиот Деловник.

МФ: Обезбедени средства за поддршка на здравството и за реализација на четвртиот пакет-мерки

Од Министерството за финансии велат дека ребалансот обезбедува дополнителни средства за вакцини, лекови и зајакнување на здравствените капацитети со цел справување со здравствената криза предизвикана од ковид-19, како и средства за реализација на четвртиот пакет-мерки, кој има за цел да обезбеди економско заздравување.
Со тоа, како што беше истакнато, се обезбедува одржливост на домашните економски дејности и на работните места, закрепнување на одредени дејности и обезбедување политики коишто ќе помогнат во продолжување на позитивните трендови на македонската економија, по завршување на кризата.
-Секојдневно се бориме за секој човечки живот, за секое работно место. Со овој ребаланс се обезбедија дополнителни средства за брзи тестови за ковид-19, како и за медицински персонал којшто е директно вклучен во борбата со коронавирусот. Истовремено со ребалансот се обезбедија средства за реализација на четвртиот сет мерки коишто ќе овозможат ревитализација на економијата преку поддршка на работните места, на инвестициите и извозот на компаниите и на ранливите категории граѓани“, потенцира министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Со овој ребаланс на Буџет со дефицит на ниво на просекот на земјите од ЕУ се обезбедува справување со ефектите од досега најголемата економска криза на светско ниво предизвикана од пандемијата на ковид-19.

Извор: Банкометар