МакедонијаСиндикат

КСС: Далеку сме од пристојни услови за работа, треба повеќе да се подига свеста за нив

КСС: Далеку сме од пристојни услови за работа - Работник
211views

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС денеска имаше свечена седница по повод 7 октомври – Меѓународниот ден на пристојната работа.

На седницата се разговараше за водење на повеќе кампањи за пристојни плати, пристојни работни услови, побезбедни работни места, добивање на социјална заштита и синдикалното здружување.

„Пристојна работа е таа за која добиваш фер плата, социјална заштита, безбедни работни услови, која е заштитена со законот за работни односи и која ги гарантира правата на работниците, вклучувајќи ја и слободата на здружување, односно правото да членуваш и да бидеш претставуван од страна на синдикат“, рекоа од КСС.

Според нив условите во Македонија се далеку од пристојни и ќе треба да се работи уште многу за да се постигне резултат на ова поле.

„Сеуште имаме работници кои земаат плата под законски пропишаната минимална плата, кои работат на несигурни работни места, постојано се изложени на мобинг и работат во небезбедни услови. Условите кај нас се далеку од пристојни и ќе треба уште многу да се работи за да се постигнат резултати на ова поле. Се разбира, потребно е и да се има волја од сите социјални партнери“, истакнаа од КСС.

Од таму истакнаа дека во Македонија работниците сеуште се борат за да ги остварат своите фундаментални работнички права кои се загарантирани преку законите и ратификуваните конвенции на Меѓународната Организација на трудот.

„Нашиот закон за работни односи е одличен закон, но проблемот е во тоа што не се применува. Истото важи и за конвенциите на МОТ кои државата ги има ратификувано, а истите постојано се кршат. Особено не се почитува законот за Безбедност и здравје при работа. Нашите работници се доведени до степен сеуште да се борат за фундаменталните работнички права кои во Европската Унија и голем дел од светот се одамна надминати проблеми“, потенцираа од КСС.

Според нив во јавниот сектор законите се почитуваат само декларативно, а во приватниот сектор само во поголемите компании.

Додадоа дека активно продолжуваат со кампањата за Пристојна работа, како и дека ќе прават се што е во нивна моќ за да се изборат за правата на работниците, но и да ја подигаат нивната свест за истите.