UncategorisedМакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

КСС и МЗЗПР: Делумното спроведување на предложените мерки може да придонесе само за поголема штета

   Време за читање 4 минути

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС и Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР  испратија отворено писмо до Владата на Р. Македонија во коешто констатираат дека до денешен ден не добиле одгоовор од Владата на добронамерната заложба за помош на државата. 

Нивен став е дека мерките само делумно се усвојуваат, со што не се помага во намалувањето на заразата од Ковид – 19.

Во продолжение ви го пренесуваме целосниот допис на КСС и МЗЗПР:

Врз основа на дописот од 03.04.2020, испратен до Владата, како и до повеќе други граѓански здруженија, невладини организации, социјални партнери, организации на работодавачи и синдикати понудивме конкретни мерки како заедно да овозможиме поддршка на државата во моменти кога е најпотребно, со свои идеи и решенија за што е возможно побрзо справување со новиот корона вирус и заболувањето КОВИД-19. Од голем број од граѓанските организации добивме директна поддршка, за што сме благодарни.

Сепак, со жалење констатираме дека до ден денешен како иницијатори на оваа добронамерна заложба за испомош на државата, од Вас не добивме никаков одговор. Оставени сме сами да констатираме дека предложените мерки само делумно се усвојуваат.

Во испратениот допис до Вас, се обидовме детално да ги опишеме мерките кои треба да се усвојат, како од аспект на инженерски опфат на заштита при работа, нејзино организационо поставување, препорачани хигиенски мерки, за на крај да ја посочиме личната заштитна опрема со конкретни количини и за конкретни работни места и за конкретни даватели на услуги како што се маркети и транспортни услуги.

Во иницијативата се осврнавме и на незаобиколните социо-економски фактори од (не)примената на овие мерки за чие спроведување е потребен детално осмислен механизам. Механизам кој во позадина ќе се осигура дека овие мерки нема да бидат само една јавна декларација, туку постапки кои ќе спасат животи на наши сограѓани. Според наше мислење, делумното прифаќање на мерките во ситуација кога секој час е важен, возможно е да направи многу поголема штета, отколку да направи корист.
Затоа детално ги опишавме и оставивме простор за наше директно вклучување во нивното спроведување, како и на нашите ограничени ресурси. Но со наше невклучување во време кога мерките се иницијално дадени, доведени сме во незавидна ситуација, да и доколку бидеме денес повикани да реагираме, заради веќе изменетите состојби, не ќе можеме соодветно да одговориме.

Во комуникација со наши членови, но секако и преку средствата за јавно информирање во изминатава недела можеме да забележиме отсуство на технички/организациони мерки и соодветна заштита на работниците, што недвосмислено доведува до поголемо ширење на вирусот. Воедно забележуваме и отсутност на детално пропишани уредби кои ги носи Владата, создава голема конфузија и метеж пред банките и пред агенцијата за вработување. Нашите членови (работниците) се збунети и не знаат дали им следува и колку им следува надоместок за изгубено работно место. Отсуството на мерки за заштита на работниците при работа, при позитивен наод кај работник со новиот корона вирус доведуваат до тоа производните процеси целосно да запрат. Заради отсутност на детални мерки за справување со новиот корона вирус, нашите членови јавуваат за зголемена гужва во јавниот транспорт, со што психозата и можноста да се заразат со новиот корона вирус експоненцијално се зголемува со секое влегување во јавниот превоз, како за себе, најблиските членови од семејството, така и за колегите од работа.

Неспроведувањето на мерките од вчера, за денес веќе е доцна. Невклучувањето на јавните чинители во своите редови во време на справување со ваква пандемија на време, е загуба која ја плаќаме сите заедно. Сепак, вие сте оние кои го управуваат кормилото на државата и проценуваат кои чинители можат да придонесат, а кои не.