МакедонијаСиндикат

КСС одржа настан на 8 март под мотото „Не сакаме цвеќе, сакаме поголеми права“

267views

По повод 8 март – Меѓународниот ден на жената, женската секција при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, одржа настан под мотото „Не сакаме цвеќе, сакаме поголеми права“, во Жена парк – Борец, каде што се делеше и печатен материјал, чија главна порака беше продолжувањето на породилното отсуство во времетраење од 12 месеци, за жените – мајки да можат целосно да се посветат на новороденчињата. На настанот присуствуваше и Генералниот Секретар на СОНК, Весна Неделковска, како и жени-членови на синдикатите при КСС.

Претставничката од женската секција при КСС, Ана Јанкуловска рече дека овој настан се одбележува најмногу за да се подигне свеста кај жените за нивните права.

„Женската секција на Конфедерацијата на слободни синдикати е тука во Жена парк- Борец, за да го одбележи меѓународниот ден на жената – 8-ми март. Ние како синдикат должни сме да потсетиме за правата на жената, кои произлегуваат од работниот однос. Сметаме дека 8-ми март има многу поголемо суштинско значење од начинот на кој се одбележува низ нашата земја, па затоа нашето мото е: „Не сакаме цвеќе, сакаме поголеми права“. Ние ќе се залагаме за жените работнички и за укинување на секаков вид на дискриминација“, рече Јанкуловска.

Генералниот Секретар на СОНК, којшто е гранков синдикат на КСС, Весна Неделковска рече дека во последните две години, преку разни облици на средби со жените работнички, оваа секција активно работи во две насоки. Првата насока на која работи е подигнување на свеста на жените за веќе утврдените права според Законот за работни односи, посебните закони на дејностите, потпишаните колективни договори, безбедност и здравје при работа, социјална заштита… И втората насока е во однос на подобрувањето и обезбедувањето на повисоки права од правата регулирани во законите. Таа додаде и дека се продолжува со активностите за зголемување на породилното отсуство и побројно користење на истото од страна на мажите, коешто е утврдено со закон.

Секцијата за жени при КСС, освен тоа што работи во рамките на Македонија, со жените работнички, со свои претставници учествува и во работата на вакви или слични секции, на европско и светско ниво.