МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

КСС: Работниците во ФОД Новаци се принудени рачно да пренесуваат материјал до тежина од 1,500 кг

   Време за читање 4 минути

Соопштението на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС ви го приложуваме интегрално:

На ден 15.11.2019 година Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија од раководството на ФОД Новаци и РЕК Битола, подружници при Електрани на Македонија побара да одржи редовна средба со членовите на синдикатот што  е наша рутинска и програмска активност. Наспроти тоа, до ден денес, од раководството на РЕК Битола не добивме никаков одговор, додека од ФОД Новаци, добивме одговор дека во моментот не можат да ни овозможат средба, затоа што се во ремонтни активности.
Јавно ги прашуваме какви ремонтни активности врши услужна фабрика за опрема и делови.

По наши сознанија причината за одбивање на нашата предвидена посета од страна на раководството на ФОД ДООЕЛ била сосема друга од наведената во нивното објаснување. Не се работи за ништо друго туку прикривање на неспособност на раководството за нормално одвивање на работниот процес.

Имено, се работи за хаварија на виљушкар кој секојдневно во работниот процес го користат работниците за товар-растовар , пренос на материјал за изработка и готов производ, до и од машините. Ваквата хаварија и неможност да се оспособи истиот, раководството ги малтретира и врши притисок врз работниците со рачно пренесување на материјалот и готовите производи. Како за појаснување се работи за товар и растовар, пренос на материјал до машините за изработка кој не е воопшто лесен. Се работи за метални ролни кои достигнуваат тежина и до 1.500 кг.

Цел тој товар повеќе пати во текот на денот работниците се приморани да го пренесат рачно како не би дошло до застој на производството.

Со ова се докажува дека раководството на ФОД ДООЕЛ не се грижи за работниците и унапредување на нивните права, подобри услови за работа и животна средина ( како што имаат наведено во нивниот допис) туку врши тортура и малтретирање на дел од работниците.

Потенцираме – дел од работниците, затоа што се вршат малтретирања и репресивни мерки на  работници кои се членови во нашиот синдикат, со цел нивно заплашување и присилување да се отчленат и зачленат во другиот синдикат.

Се прашувате како е ова возможно и дали е вистина??? Секако дека е вистина, во 21 век се врши тортура и притисок врз работниците како би станале неми послушници, а ако се прашувате како истото ќе се докаже, е тоа е најлесното нешто, во архивата на ФОД ДООЕЛ Новаци има 100 опомени за казни кон работниците кои не се членови во синдикатот на работодавачот или популарно жаргонски “Жолтиот синдикат на МЕСО “.

Како „шлаг на тортата“ претставува последниот допис од 18-11-2019 год. од страна на раководството на ФОД ДООЕЛ  до нашата синдикална организација каде се бара да се достави извод од централен регистар за ажурирање на сметката на која тие ги префрлаат средствата од работниците задржани од членарина и други основи за синдикатот, иако истото нашата синдикална организација досега го има направено во повеќе наврати.

Со самиот допис самите се демантираат во претходниот допис каде што наведуваат дека не знаат на кому му припаѓа синдикалната организација и каде членува и воедно не одбиваат од нашите намери за остварување на непосреден контакт со нашите членови.

Ова се само дел од небулозите, притисоците и интригите од страна на раководството на ФОД ДООЕЛ Новаци со кои се служат, ги заплашуваат и вршат притисок кон ДЕЛ од работниците.