- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовости

Лазаров: Буџетскиот дефицит ќе биде поголем од економскиот раст во 2021 година

169views

Фејсбук статус на проф д-р Дарко Лазаров:

БУЏЕТСКИОТ ДЕФИЦИТ ВО 2021 ГОДИНА ЌЕ БИДЕ ПОГОЛЕМ ОД РАСТОТ НА ЕКОНОМИЈАТА!

Со издавањето на новата еврообврзница се актуелизира прашањето за јавниот долг кој има галопирачки тренд во изминатите две години (раст од 10.5 процентни поени) во услови кога имаме историски најниско ниво на капитални инвестиции како процент од буџетот (6.5%).

Министерот за финансии во своите елаборации ја користеше тезата дека каматната стапка на ново издадената обврзница е пониска од очекуваната стапка на раст за 2021 година за да покаже дека тоа било некаков успех на Владата.

Сепак, клучната теза е дали новото задолжување ќе придонесе за креирање на дополнителна додадена вредност во економијата.
Тоа наједноставно може да се анализира преку споредба на буџетскиот дефицит и стапката на раст. Имено, согласно официјалните проекции на Министерството за финансии, годинава дефицитот е планиран на 4.8% од БДП, а стапката на раст е проектирана на 4.1%.
Ова значи дека задолжувањето ќе биде поголемо од растот на додадената вредност во економијата што де факто не само што нема да обезбеди фискална консолидација/стабилизација, туку уште повеќе ќе го продлабочи јавниот долг. Дополнително, да не заборавиме дека проектираната стапка на раст за 2021 година од 4.1% нема да биде доволна да ги покрие загубите од рецесијата во 2020 година од – 4.5%, што е потврда дека економското опоравување нема да оди така брзо и лесно. Уште повеќе ако се земе предвид фактот што и така проектираната стапка на раст за 2021 година е неизвесно дали ќе се случи ако судиме по досегашните тенденции во првиот квартал од годината и очекувањата за следните неколку месеци.