ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Левица: Со економските мерки на Владата само се згаснуваат рати, тие не се долгорочни

Левица: Со економските мерки - Работни
170views

Разни беа реакциите за мерките кои Владата и Собранието ги донесоа за помош на стопанството и работниците од започнувањето на пандемијата предизвикана од Ковид – 19, па се до денес.

Додека за дел од бизнис секторот мерките се добри, некои немаа позитивни реакции. Од друга страна за СДСМ сетот на мерките од четирите пакети е наменет за да се спасат голем број на работни места, како и да се зголеми економската актвност на компаниите коишто се погодени од здравствено – економската криза, а од ВМРО – ДПМНЕ постојано посочуваат дека невработеноста се повеќе се зголемува и мерките на Владата постојано подлежат на нивни критики во контекст на тоа дека не можат да се справат со кризата и дека мерките не го даваат посакуваниот резултат. 

Од Левица, партија која од овие избори влезе во Собранието како опозициона партија, од каде што постојано реагираат кога се во прашање работниците во Македонија, велат дека сите досегашни пакет мерки имаа различно влијание и последици по компаниите, во зависност на секторот во кој тие компании припаѓаат.

Според нив ситуацијата се влошува, како на здравствено, така и на економско поле. За тоа, како што истакнаа, придонесуваат не – долгорочно обмислените мерки кои се неодржливи. Велат дека неповолностите коишто се резулатат од овие мерки во иднина уште повеќе ќе дојдат до израз. 

Потенцираат дека според нив најважно е тоа што за повеќето компании спроведените и предвидените мерки со економските пакети се само згаснување на рати, односно со овие средства компаниите преживуваат само на краток рок, без притоа да забележат реално производство.

„Токму ваквите компании како резултат на лошо осмислените мерки на Власта, средствата кои им се доделени ги задржуваат газдите доколку работниците не гледаат никаква корист од истите тие доделени средства“, велат од Левица. 

Посочија дека мерките се лошо осмислени, пред се поради нивната долгорочна неодржливост и затоа и фирмите како и работните места на вработените во овие фирми, како и севкупната економска активност на државата се осудени на пропаст. 

„Во однос на овој проблем, како и целокупната економско-социјална политика на Македонија, во овој момент би можеле да кажеме дека е потребно преструктуирање на целата економија на Македонија во насока на запирање на понатамошната приватизација, ослободување од беспотребните трошоци како што се трошоците кои ги одржуваат привилегиите на функционерите и секако како долгорочна стратегија, мобилизирање на работната сила од страна на државата со што на овој начин државата би земала проактивна улога во економската активност на ниво на целокупната економија“, порачаа од Левица. 

Заклучија дека треба да се воведе даночен систем кој ке има за цел радикална редистрибуција на богатсвото од екстремно богатите кон сиромашните како и во корист на потребите на секторите витални за надминување на здравствената криза.

Бобан Илијевски