Лекарите специјалисти надвор од работното време ќе може да дежураат низ болниците во внатрешноста

Специјалистите вработени во која било државна или приватна болница ќе можат да дежураат во здравствените установи ширум државата. Со новите законски измени ќе им се овозможи на докторите да дојдат кај пациентите во помалите градови, наместо пациентите со компликации да одат во болниците во градовите надвор од нивното место на живеење

Владата усвои крупни измени во Законот за здравствена заштита, чија цел е да се подобри пристапот до здравствена заштита за пациентите, како и да им се даде можност на лекарите специјалисти да заработат повеќе пари во слободното време, доколку за тоа имаат желба. Министерот за здравство, Венко Филипче за „Вистиномер“ ги објасни законските измени.

Работиме по препораките на ЕУ за зголемување на пристапот до здравствена заштита и со овие законски измени примарно ја подобруваме достапноста на здравствените услуги за нашите пациенти. Со законските измени очекувам да се направи рамномерна распределба на кадарот на специјалисти. На пример, јас сум лекар неврохирург. Со законските измени, сите болници ќе распишат распоред за дежурства за секој ден од неделата, вклучително и за викендите. Доколку видам дека дента кога се бара дежурен неврохирург во некоја болница во внатрешноста, јас имам слободен ден во матичната здравствена установа, ќе се пријавам за дежурство во другиот град. Така лекарите доколку сакаат ќе можат да работат и во својата матична установа, но и да им бидат достапни на сите други установи. На ваков начин на пациентите нема да им недостасуваат специјалисти, вели Филипче.

Повеќе на Вистиномер