Лош си ако помагаш…

Автор: Бобан Илијевски

Сте ја забележале ли некогаш онаа слика што кружи по социјалните мрежи, на која е претставен еден распартален човек кој на својата жена и дете (исто распарталени) гордо им вели: „Победија нашите на избори!“

На таа слика често се потсетувам кога ќе видам некој кој едвај преживува а се удира во гради за неговата политичка партија. Се потсетувам и се чудам како е можно да се случува тоа? Тие со полни стомаци, другите со празни – и пак се удираат во гради дека победиле или владеат нивните.

А нивните и нивните, наместо да разговараат како да се надминат кризите, да изнајдат решенија, разговараат за тоа кој ќе бил Министер за локална самоуправа и ја користат говорницата за да ги кажат веќе кажаните ветувања.

Ова го пишувам испровоциран од неблагодарноста на одредени членови на нашето општество кои, сигурно имајќи некаков бенефит, ги релативизираат проблемите со коишто се соочуваме.

Имено, Кристина Ампева, претседателка на Здружението „Гласен Текстилец“  во текот на изминатиот период, со помош на нашинци кои живеат во странство, ги обелоденуваше цените на тамошните производи и правеше споредба со актуелните цени во Македонија. Како што стоеше во нејзините објави, цените во Германија, Белгија, Швајцарија итн. се поевтини од тие во Македонија. Излегува дека со минимална плата од 18,000 денари, плаќаме цени кои не ги плаќаат ниту тие што земаат 3,000 евра плата. Или еве вака, да не претерувам – во Германија минималната саатнина е 12 евра. Тоа значи дека месечно тамошните работници земаат над 2,000 евра минимална плата. А ние земаме 18,000 денари. Нема што повеќе да се каже.

И на крајот излегува дека оние коишто го подигаат гласот, оние коишто се обидуваат да ви ја доловат ситуацијата – се всушност непријателите. Ампева не е единствената што се обидува да ја подига свеста за одредени случувања, има многу како неа – и сите тие на крајот се непријателите.

Мислам дека редно е да ги согледаме работите околу нас со безбојни, наместо со розови очила. Платите не ни стигаат за до крајот на месецот. И по стоти пат – 500 евра плата веќе е малку, а за 18,000 денари да не зборуваме. Инфлацијата не изеде. Има и дојави од луѓе дека во одредени маркети цените се лупаат од памет. Има толку многу работи на коишто треба да се реагира, но одредени поединци, наместо да се занимаваат со овие сериозни проблеми, тие им „вадат очи“ на оние кои им укажуваат како стојат работите во реалноста.

За целокупната ситуација се виновни сите политички партии коишто владееле и владеат. Сите тие имале и имаат учество во креирањето на оваа економско нестабилна држава. А економијата треба да биде столбот на една суверена и автономна Република.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на порталот Работник

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.