ЕкономијаСветСветот на работникотСиндикат

Луфтханза бара излез од штрајкот, но патниците извисија

Луфтханза бара излез од штрајкот - Работник
33views

Пресврт на првиот ден од штрајкот – Луфтханза е спремна конфликтот за тарифните договори со синдикатот на екипажот да го реши со арбитража. Но, од штрајкот погодените 180.000 патници засега не профитираат од тоа.

По повеќемесечна пауза во преговорите, шефот на бордот на директори на Луфтханза, Карстен Шпор денеска соопшти дека е подготвен повторно да седне на разговори со претставниците на синдикатот на авионскиот екипаж, Уфо. Целта е да се постигне спогодба, која ја понуди синдикатот. Досега концернот ги одбиваше преговорите со аргумент дека раководството на Уфо не е овластен претставник. Синоќа бил одржан состанок со конкурентскиот синдикат Верди и новата Кабинска унија, но без присуство на Уфо. Одлуката на Луфтханза е сега да преговара со сите три синдикални групи, кои водат ривалска борба која од нив може да потпише тарифни договори со Луфтханза за околу 21.000 вработени како авионски екипаж.

Уфо е подготвен да седне на преговарачка маса со Луфтханза, но тековниот штрајк треба да продолжи непрекинато и утре, со тоа што нема да се проширува.

Од Уфо објавениот штрајк, започнат денеска, доведе до бројни откажани летови. 48-часовниот штрајк кој е предвиден до утре на полноќ, за последица има 1.300 анулирани летови, многу авиони на најголемите германски аеродроми – Минхен и Франкфурт останаа на земја, отпаднаа и повеќето прекуморски летови. Во внатрешниот авионски сообраќај, погодени се првенствено дестинациите до и од Минхен и Франкфурт. Вклучувајќи ги за утре планираните 600 сторнирања, според Луфтханза, ќе бидат засегнати околу 180.000 патници, на кои им се нудат алтернативни летови со други авиокомпании и во други денови, како и превоз со железница.

Синдикатот на авионскиот екипаж, Уфо, бара повисоки плати и додатоци, како и подобар достап на сезонските вработени до редовен работен однос.

Обидот на Луфтханза вчера по судски пат да го спречи штрајкот, беше неуспешен – судиите сметаат дека тој е навремено најавен и легален.

Извор: Дојче Веле