Луфтханза планира да вработи 20.000 нови работници

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ планира да вработи 20.000 луѓе до крајот на 2023 година, во услови на силно закрепнување на воздушниот сообраќај по пандемијата на ковид-19. Како што соопштија од компанијата, тие бараат различни профили на вработени – од пилоти, кабински екипаж, до адвокати и техничари.

На крајот на септември германската групација имаше 107.000 вработени.

„Луфтханза“, како и многу други авиокомпании, укина илјадници работни места за време на пандемијата. Индустријата забележа силно закрепнување оваа година, при што недостигот на работна сила предизвика хаос на неколку европски аеродроми во текот на летните месеци. Индустријата беше погодена од бројни штрајкови поради незадоволството на вработените.

Германската авиокомпанија сега најави вработување на 20.000 луѓе.

„Тоа покажува дека Луфтханза амбициозно чекори кон иднината“, рече шефот на човечки ресурси Мајкл Нигеман.

„Ако сакаме да бидеме лидер во индустријата, тогаш ни требаат посветени и мотивирани вработени кои ќе се справат со предизвиците“, резимира Нигеман за германската новинска агенција dpa.

Извршниот директор на „Луфтханза“, Карстен Спор, неодамна објави дека поради големата побарувачка, групацијата до крајот на следната година ќе вработи околу 20.000 луѓе, а во исто време најави инвестиции од повеќе милијарди евра во авиони и опрема.