КолумниПравда

Македонија – земја преполна со суровост кон животните

Македонија - земја преполна со суровост кон животните-Работник
1.04Kviews

Куче запалено со бензин, куче еутаназирано по сензионалистички новинарски прилог, грозоморни видеа од кучиња кои живо ги закопуваат во Пехчево, мачиња завиткани во пластични кеси и фрлени во контејнер, коњи кои максимално се експлоатирани и неретко колабираат на скопските улици, масовни труења и безброј други примери на суровост кон животните која никако не запира во нашата земја, ниту пак е санкционирана од страна на надлежните органи.

Од друга страна, се повеќе бездомни кучиња на територијата на град Скопје и низ целата Македонија талкаат по скопските улици додека се болни, гладни, изнемоштени и беспомошни. Оние граѓани кои имаат развиено фобија од кучиња, оправдано бараат решавање на овој проблем.

Активистите за правата на животните исто така веќе подолг временски период од надлежните, бараат да се реши овој проблем. Својот револт го искажаа преку низа протести кога бараа да се стави крај на масовното убивање на животните, да се донесат најстроги казни за сопствениците кои поттикнуваат агресија кај кучињата, но очигледно институциите останаа сосема глуви на нивните барања, а ситуацијата останува непроменета.

Сите светски истражувања укажуваат дека агресијата на кучињата најчесто е директна последица на насилство врз кучињата од страна на луѓето. Кучето е претходно малтретирано, тепано, повредно или во болка, па оттаму реагира агресивно. Човекот како свесно битие е оној кој треба да има свест на едно повисоко ниво од животните и да покаже емпатија и сочувство кон безгласните. Кучињата се сметаат за чувствителни суштества, кои имаат капацитет да ја чувствуваат болката и среќата и се достојни да бидат под заштита на законот. Убивањето здраво животно има правни последици и се смета за кривично дело.

Законот за благостојба и заштита на животните треба да ги штити минималните права на животните додека, членот 233 од Кривичниот законик на РМ предвидува санкционирање на мачењето на животните и вели “Тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци. “

Но сите случаи во РМ (освен случајот со убивањето на кучето Идриз) остануваат неказнети. Полицијата не се одзива на насилството врз животните (иако тоа е нивна законска обврска), градоначалникот не ги исполнува своите ветувања од програмата, Агенцијата за храна и ветеринарство непрофесионално постапува по претставките на здруженијата на граѓани.

Остануваат животните, недолжни да страдаат во оваа земја преполна со суровост кон безгласните и садистите кои во едно цивилизирано општество, не смеат да се толерираат. Насилниците кон животните се потенцијани насилници и кон луѓето.

Во програмата на актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов се вели: Вардариште е минато. Во Скопје отвораме нов стационар по европски стандарди за згрижување и за третман на улични кучиња. Продолжуваме со вакцинацијата и стерилизацијата на уличните, но отвораме и програми за едукација на сопствениците на домашните миленици, за да го направиме градот безбеден и пријатен за сите.

И по полни две години од мандатот на Шилегов, ништо од ветеното не е исполнето. Вардариште е затворено, а кучињата се на улица, без никакво привремено решение за нив. Отворањето на новиот стационар “Лајка” никако да се случи, а истото беше пропратено со низа скандали, во врска со  управните и надзорните одбори каде беа предложени партиски послушници, наместо долгогодишни активисти кои имаат искуство во третирањето на оваа проблематика.

Пишува: А.J.