Македонски камионџии чекаат на италијанско- словенечката граница
30-тина македонски камионџии се заглавени на италијанско-словенечката граница и не можат да се вратат во Македонија. Сместени се на паркинг во близина на граничниот премин, а велат дека се оставени на милост и немилост бидејќи условите таму се мизерни.
Немаат основни средства за хигиена, ниту за дезинфекција. Еден тоалет го користат повеќе од 100 луѓе.
-Полицијата доаѓа и ги брка возилата кои што се надвор паркирани. Станува збор за македонски, српски и босански возила. Ги бркаат луѓето, не знаеме ниту каде да одиме ниту што да правиме. Користиме еден тоалет, едно WC. Тој тоалет, што го користиме 100 луѓе, никој не дојде да дезинфеција. Значи, катастрофално е, мислам и дека можно е некој од нас тука да е заразен, вели за Сител Александар Каранфиловски, еден од заглавените возачи на камиони.
Возачите не знаат колку време ќе треба да останат на границата. Стравуваат дека ќе мора да чекаат 14 дена бидејќи веќе снемуваат пари за храна и за вода.
Дополнителен проблем е и што единствениот маркет во близина е на три километри, но и купувањето бара посебна организација, бидејќи ако го напуштат паркингот може и да го загубат местото, односно да биде зафатено од друг колега.
Од Владата велат дека Министерството за транспорт комуницира со сите држави и се обидува да обезбеди безбеден транзит на македонските камиони до земјава.
Дипломатски извор, пак, велат се прават напори да се создавање конвој од македонски камиони кои со словенечка полициска придружба ќе ја минат граница, ќе бидат спроведени до Хрватска, а потоа ќе бидат преземени од хрватските власти. Дипломатско-конзуларното претставништво во Венеција е во изолација, персоналот работи од дома и не може да достави непосредна помош поради мерките кои ги воведоа италијанските власти.
Извор: Сител