ЕкономијаМакедонија

Македонците годишно трошат во просек 5.900 евра – колку европјаните месечно

Македонците годишно трошат - Работник
189views

Едно четиричлено семејство во земјава, годишно просечно располага со 7.100 евра вкупен приход или со 591 евро месечно, а во просек троши  5.862 евра или 488 евра месечно. Ова го покажува Статистичкиот годишник за 2018 година, на Државниот завод за статистика, според кој, во однос на претходните години растат и парите со кои располага, но и кои ги употребува просечно домаќинство во земјава.

Но таква е состојбата статистички, во пракса граѓаните постојано се жалат дека состојбата со реалните финансии на едно домаќинство, со години како да не се поместила од мртва точка. Податоците откриваат како и колку Македонците заработуваат и што се им треба за да преживеат, барем статистички.

На располагање 7.100 евра годишно – 1.400 евра од пензиите на родителите

Од расположливите средства 7.100 евра со кои годишно раполага едно просечно четиричлено семејство, 6.965 евра се парични средства, а само 4.609 евра се од редовен работен однос. Статистиката покажува со што се македонците го полнат домашниот буџет, со цел да ги закрпат дупките со финансиите.  Така 11.878 денари годишно заработуваат надвор од работен однос, од хонорари или други активности од кои вонредно заработуваат. Од пензиите на родителите на располагање имаат  дури 85.914 денари годишно, од вујче од Америка пак им стигнуваат 5.359 денари, а од намалување на она што некогаш заштедиле земаат по 5.916 денари годишно.

Потрошиле по 5.200 евра, за храна по 188 евра месечно

Но за што се ги потрошиле парите и дали тоа им било доволно?! Податоците покажуваат дека од 7.100 евра, граѓаните трошеле во просек по 5.862 евра, од кои најголемиот дел 5,167 евра за лична потрошувачка, а само 2.266 евра за храна и безалкохолни пијалоци. Во просек едно четиричлено домаќинство во земјава за храна и безалкохолни пијалоци, односно за основната потрошувачка кошничка трошело по 188 евра месечно или околу 11.613 денари месечно, односно по член само 2.903 денари за месец, покажува статистиката.

Статистиката пресметала дека за алкохол и тутун, годишно во просек трошат по 14.328 денари, за облека и обувки 21.968 денари или секој член лани имал на располагање 5.492 денари годишно за облека и обувки, односно за да се поднови трошел по 457 денари месечно. За станарина  и режиските трошоци едно семејство плаќало 37.921 денари годишно, за здравје 15.021 денари севкупно за сите членови на семејството, а за комуникации 11.616 денари. Математиката покажува дека за рекреција и култура годишно оделе само 6.251 денари, а за образование минимални 1.510 денари или цело семејство трошело  само 377 денари месечно.  За разлика од ова пак за кафани и хотели, статистиката покажала дека завршиле во просек 15.600 по домаќинство, а на отплата на кредити 12.275 денари. Статистиката врз основа на анкетата која ја правела врз 2.646 домаќинства кои пак се репер за 567.006 домаќинства пресметала дека едно семејство вложувало 20.211 денари на штедење годишно, односно секој член штедел по 5.052 денари годишно или секој месец тргал на страна по 421 денар.