Масовен генерален штрајк во Франција – се прикучиле и работниците од нуклеарните електрани

Француските синдикати денеска стартувале со национален штрајк барајќи поголеми плати во ек на најголемата инфлација во последните декади. За претседателот Емануел Макрон тоа е еден од најтешките предизвици по неговиот реизбор во месец мај.

Штрајкот кој најпрво ќе го погоди јавниот сектор (училиштата и јавниот превоз) е продолжение на повеќенеделниот штрајк кој ја попречил работата на повеќе големи рафинерии и снабдувањето со гориво на бензинските пумпи. Еуростар соопштил дека поради штрајкот откажал неколку линии на возови помеѓу Лондон и Париз.

Штрајкуваат работниците во нуклераните електрани, јавниот превоз, училиштата…

Како што напнатоста се повеќе расте во втората најголема економија во Европа, така штрајковите се повеќе се прелеваат во останатите делови од енергетскиот сектор, вклучувајќи го и нуклеарниот гигант ЕДФ, каде работите кои се клучни за снабдувањето на Европа со енергија ќе бидат одложени.

Претставникот на синдикатот ФНМЕ -ЦГТ вчера рекол дека штрајковите влијаат врз работата на 10 нуклеарни електрани преку понатамошни одложувања на одржувањето на 13 реактори, а француското производство на електрична енергија е намалено за вкупно 2,2 гигавати.

Во јавниот превоз се очекуваат големи нарушувања во локалниот транспорт, вклучувајќи го Еуростар, возовите и меѓуградските возови, како и париската железница.

И синдикатите на јавните служби денеска повикале на приклучување кон штрајкот, а можни се прекини и на работата на училиштата и другите јавни служби.

Илјадници работници веќе штрајкувале во Париз, денес нов штрајк

Штрајковите се случуваат во напнат политички контекст кога француската влада треба да го донесе Буџетот за 2023 година, користејќи се со уставните овластувања кои ѝ овозможуваат да го заобиколи гласањето во парламент, рекла во саботата премиерката Елизабет Борн.

Предвидено е штрајкови да се одржат во целата земја, а оној во Париз да започне на пладне. Во неделата, илјадници луѓе излегле на париските улици во знак на протест против скокот на цените.

Лидерот на крајно левата партија „Непокорена Франција“, Жан-Лук Меленшон чекорел заедно со овогодишната добитничка на Нобеловата награда за литература Ени Ернау. Меленшон за денеска повикал на општ штрајк.

Фото: EPA