Мерцедес-Бенц се повлекува од рускиот пазар

Германскиот производител на луксузни автомобили Мерцедес-Бенц соопшти дека ќе се повлече од рускиот пазар, а удели во своите филијали за индустриски и финансиски услуги ќе продаде на рускиот синџир на застапништва за автомобили Автодом.

Презентирајќи ги резултатите за третиот квартал, финансискиот директор на Мерцедес, Харалд Вилхелм, рече дека трансакциите не треба значително да влијаат на профитабилноста и финансиската позиција на групацијата, покрај веќе најавените отписи во претходните квартали.

„Конечното завршување на трансакцијата зависи од одобрувањето на регулаторот и спроведувањето на условите наведени во договорот”, додаде Вилхелм.

Јапонски Нисан во октомври забележа загуба од 687 милиони долари при продажбата на својот руски бизнис на државна компанија за едно евро. Сличен потег направи и Рено, кој го продаде мнозинскиот удел во руски Автоваз за една рубља.

Портпаролот на германската компанија изјави дека планираната трансакција нема да влијае на уделот на Мерцедес од 15 отсто во рускиот производител на камиони Камаз, кој до крајот на годината ќе биде префрлен на Дајмлер трак.

Автодом објави дека ќе избере технолошки партнер кој ќе продолжи да управува со производствените капацитети во индустриската зона Есипово северозападно од Москва, каде што Мерцедес-Бенц има производствен капацитет.

Компанијата го прекина производството во Русија на почетокот на март.

Здружението на европските компании во Русија АЕБ објави дека од јануари до септември во Русија се продадени 9.558 возила на Мерцедес, што е за 72,8 отсто помалку од истиот период минатата година.