ЕкономијаМакедонија

Мета: Договорот за концесија за Иловица пред раскинување, државата има аргументи и за меѓународен суд

Договорот за концесија за Иловица - Работник
228views

Министерот за економија Крешник Бектеши ја потпишал предлог-одлуката за едностран раскин на договорот со „Еуромакс“, соопшти на денешната прес конференција. Сега сме пред конечната одлука, рече Бектеши.

Тој најави дека она што следи е низ владина процедура да се донесе соодветна одлука.

„Секако дека ниту ние како влада нема да седиме со скрстени раце. Токму поради тоа внимателно ги запазивме сите претходни процедури и многу внимателно биле обмислени сите преходни одлуки за да не ја ставиме државата во тешка ситуација во која таа би можела да загуби на арбитражен суд“ одговори Бектеши на најавите дека концесионерот правдата ќе ја бара и пред меѓународните судови.

Според министерот за економија, Владата има свои аргументи за раскинување на концесискиот договор со „Еуромакс“, иако, како што додава министерот, свесни се дека и другата страна секако има свои.

„Доколку тие мислат дека треба да одиме на арбитражен суд, ние сме подготвени како Влада да одиме и да ги браниме нашите ставови. Сакам да истакнам дека оваа Влада не носи одлуки базирани врз емоции туку врз база на сите расположливи процедури, врз основ на Законот за минерални суровини и затоа можеби и делуваше дека се одолговлекува со конечната одлука околу рудникот Иловица“, рече Бектеши.

Што се однесува до втората концесија која се уште не му е одземена на „Еуромакс“, Бектеши информираше дека компанијата барала спојување на двете концесии но дека Министерството не им го одобрило барањето.

Компанијата „Еуромакс“ вчера најави дека ќе се жали на суд на одлуката на владината комисија, откако Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен ја потврди одлуката на Министерството за економија да му се одбие барањето за дозвола за експлоатација. Ова преку веб-страницата на компанијата беше соопштено само ден откако беше обелоденета одлуката на Комисијата и откако „Еуромакс“ изјавија дека во овој момент, е многу рано да се произнесат за тоа која ќе биде нивната одлука за понатамошните чекори кои ќе бидат превземени.

Од „Еуромакс“ тврдат дека имале силен правен основ за жалба и дека доколку сметаат дека е неопходно ќе применат и други правни инструменти, вклучувајќи ја тука и меѓународната арбитража.

Извор: Мета