ПравдаСветот на работникот

МЗМП: Работниците од приватниот сектор најмногу бараат правна помош

   Време за читање 2 минути

Македонско здружение на млади правници, освен телефонски, има воспоставено механизам граѓаните да се обраќаат и писмено на меил. До сега, се имаат обратено неколку граѓани кои сметале дека им е сторена некаква повреда или прекршување на нивните работнички права за време на вонредната состојба, а исто така МЗМП има добиено информации за состојбата на терен од своите соработници ширум државата, велат од МЗМП за порталот Работник.

На прашањето за кои работнички права се жалат луѓето дека им се прекршени, од МЗМП истакнаа дека забележани се најчестите проблеми со кои се соочуваат работниците во овој период на вонредна состојба поради вирусот COVID-19, и тоа:

  • непродолжување на договор за времетраење на вонредна состојба кој претходно е склучен на определено време,
  • добивање решенија за прекин на работа поради виша сила со исплаќање на 50% пониска плата додека трае состојбата иако работодавачот продолжува да работи а работникот оди на работа,
  • доставување на спогодби за раскинување на договори за вработување кои влечат последици на одјава на работникот од социјално, здравствено и пензиско осигурување како и неможност за добивање надоместок во случај на невработеност,
  • промена на работно време од полно на скратено работно време со исплаќање на 50% пониска плата, каде што работниците најчесто добиваат одлука (но не и анекс на договорот) во која е наведена причината но не и износот на исплатата или времетраењето на оваа состојба што може да предизвика манипулација на вработените по завршување на вонредната состојба
  • задршка на дел од плата во периодот кога се најави стопирање на извршување од плата.

Од МЗМП додадоа дека најголемиот дел од граѓаните кои им се обратиле се од приватниот сектор.

Бобан Илијевски