Минималната плата ќе порасне, но кога?
Колумна на Бобан Илијевски
Зголемена минимална плата ќе добиеме, но кога?
Минималната плата никако да се покачи на 18,000 денари. Како резултат на тоа, логично е да се постави прашањето: „Дали некој игра мајтап?“
Знам дека нема да добиеме одговор на ова прашање, но сепак, треба да се постави.
Левица го поднесе предлог Законот за зголемување на минималната плата во Собрание. Лично, се надевам дека ќе го усвојат, но со оглед на тоа дека секој си „тера на своја страна“, веројатноста е дека ќе почекаме некое време.
ССМ се заканува дека ќе излезе на штрајк, и тоа е легитимно право, но не знам колку ова ќе ја трогне државата. Земајќи ги во предвид претходните искуства, нема да излезат и речат „Немојте ве молам!“.
Од друга страна има и еден друг проблем, но нема го спомнам. Не би сакал да навлегувам во конфликт, а немам ни цврст доказ.
Зголемувањето на минималната плата нема да има голем ефект без да се зголемат и другите плати
Минималната плата и тоа како треба да се зголеми на 18,000 денари, но притоа, како и што апелираат синдикатите и познавачите на областа, треба, пропорционално да пораснат и другите плати.
Од друга страна пак, треба да се постави и прашањето: Дали треба да има една законска минимална плата која ќе важи за сите? Мое мислење е дека минималната плата треба да се определи по сектори, во колективните договори.
Не може истата минимална плата да важи, на пр. за вработен во пекара, градежништво и ИКТ сектор.
Јас не сум експерт, но еве, во оваа прилика ги повикувам експертите да излезат и да кажат дали може да се регулира минималецот на овој начин или не. Според мене уште подобро ќе биде да се воведе минимална законска саатница.
Без построга евиденција на работното време, џабе е и зголемувањето на минималната плата
Сепак, било кој начин на исплата на минималецот да се воведе, неизбежно е да се води построга евиденција на работното време, бидејќи има голем број на газди коишто им ги „крадат“ работните часови на своите вработени.
Дел од овие вработени знаат, но не можат да пријават. Немаат како да докажат.
Еве на пр. во угостителството не се води никаква евиденција за работното време. Оттаму, ако на одреден вработен доколку не му е исплатено за прекувремена работа, тој тоа не може да го докаже пред Државниот инспекторат за труд.
Ова е проблем којшто е присутен години наназад и е „рак рана“ на македонскиот трудов систем. Без да се изрегулира работното време, работниците (голем дел од нив) нема да бидат соодветно платени за одработените работни часови.
Минимална плата VS. средна плата
Околу 400,000 работници во Македонија земаат плата од 15,194 денари до 20,000, колку што е средната плата.
Доколку се земе во предвид бројот на вработени само во приватниот сектор, ќе се види дека поголемиот дел на вработени се на минимална, односно средна плата.
Кога ќе ги земеме во предвид и трошоците коишто ги имаме на месечно ниво и инфлацијата којашто постојано расте, заклучокот е дека на овие работници им останува многу мала сума на пари за да можат да го ПРЕЖИВЕАТ месецот.
Наместо да живееме пристојно, ние преживуваме. Луѓе се „до гуша“ задолжени во кредити. Не им должат само на банките, туку и на финансиските друштва кои им лупаат огромна камата.
Автобусите продолжуваат да се полнат со луѓе кои си ја бараат среќата надвор од Македонија, додека ние уште разговараме за минималната плата
Пред некој период, на социјалните мрежи имаше една фотографија со луѓе во автобуси кои заминуваат на работа во Германија. Бројот на ваквите фотографии, доколку остане иста ситуацијата, ќе стане уште поголем.
Не знам за другите, но мене ми е тешко кога гледам дека заминуваат.
Тешко ми е поради тоа што државата во којашто се родиле, татковината, не им овозможува услови и не ги наградува соодветно. Да ги ценеше, ќе останеа тука, каде што впрочем им е и местото.
Еднаш пишував за тоа дека ги губиме талентираните луѓе, односно оние кои се квалификувани.
Како што се одвиваат работите, ќе започнат да заминуваат и оние кои се неквалификувани. Апетитот на голем број европски земји станува се поголем за работна сила, па макар била и неквалитетна.
Тие имаат начин како неквалитетните работници да ги направат квалитетни.
Минималната плата во дел до земјите членки треба да биде репер
Вчера излегоа податоците на Евростат за минималната плата во земјите членки на Европската унија. Износите во некои држави за нас се незамисливи, но нели, ние не можеме да се „рамњаме“ со европските земји.
Епа со кого тогаш да се мериме, со Бурунди?
Европските земји треба да ги земеме за пример. Не можеме веднаш да го имаме нивниот стандард, но со напорна работа и политичка волја можеме да се приближиме до истиот.
Работодавачите треба да се согласат да се зголеми платата, се разбира, доколку сакаат да ги задржат работниците
Ги разбирам и работодавачите. Ако ја гледаме објективно целата ситуација, и тие се соочуваат со проблеми. Комплексните бирократски процедури кои им се наметнуваат, е само еден од тие проблеми. А ги има многу.
Коронавирусот повторно зема голем замав. Енергетската криза трае. Дел од секторите во 2020 и 2021 година се соочија со големи потешкотии во работењето. Некои фирми банкротираа, па затворија.
Сепак, треба да се согласат да исплаќаат повисока минимална плата, доколку сакаат да ги задржат работниците, се разбира.
Корона кризата удри по џебовите на сите. Тоа е факт. Останува да се види до кога ќе трае и што не очекува следно. Се надевам дека ќе биде подобро. Како велат, надежта последна умира. На моменти може да ја снема, но секогаш се враќа назад.
- КСС организира Првомајска конференција на тема: „Работничките права во време на промени: Заедно кон праведна транзиција и ефикасна администрација“ - 28/04/2025
- Германија исплаќа најмногу пензии во Хрватска – дури 84.393! - 28/04/2025
- Вработени во РТС поднесоа петиција до Парламентот: Да престанеме да жмиркаме и да не гледаме она што го гледаат сите - 28/04/2025