МакедонијаПравдаСиндикат

Мнозинство на апелациони судии заклучиле дека на затворската полиција не и следува надомест за ризик

Мнозинство на апелациони судии заклучиле - Работник
1.23Kviews

Судиите на четирите апелациони судови, со мнозинство гласови одлучиле дека на затворската полиција не и следува надомест од 30 проценти на плата за работа под ризик, бидејќи државата не донела правилник со кој ќе го уреди ова право кое е предвидено во законот за извршување на санкции, пишува правниот портал Сведок.

Според Претседателот на синдикалната организација на Казнено Поправната Установа Скопје, при Синдикатот на администрација и државна управа – САДУ, Стојче Јовановски ваквата одлука е против законска.

Тој за порталот Работник рече дека судиите одлучиле дека не им следува нешто, што со закон им е овозможено. Според него надоместокот за ризик од работа требало да се уреди со правилник, но не се уредил, но сепак надоместокот им следува според закон.

„Во ниеден случај не може заклучокот на судиите да го побие законот. За ова треба некој да сноси кривична одговорност. Не може да се донесе заклучок со кој ни се укинува правото на ризик“, вели Јовановски.

Тој истакна дека ќе се консултира со стручни лица кои потоа ќе ја проверат стручноста на судиите кои го донеле овој заклучок.

Правниот портал Сведок пишува дека ваквиот правен став на мнозинството на апелациони судии е правно дискутабилен и го ограничува правото кое е предвидено со закон и кое не може да се суспендира со судски заклучок, само затоа што државата не донела подзаконски акти. Судот наместо да досуди надомест и на тој начин да го доуреди ова прашање, ускратува законско право, со што се создава нееднаквост и можност ваквото решение да се оспорува и пред Уставен суд.