НовостиПравдаСветот на работникот

“Можете да работите незаконски, никој ништо не ви може” – Според Јовевски, ваква порака пренела Владата преку препораката за работа на празници (недела)

   Време за читање 7 минути

Новинар: Бобан М. Илијевски

Божиќ е еден од најголемите православни празници – кој оваа година се паѓа во недела – празник на кој вработените во трговијата на мало, според Владата и Министерството за економија, би требало да работат, иако законското решение за недела неработен ден го вели спротивното.

Универзитетскиот професор по трудово право, Лазар Јовевски, кој веќе излезе со став за Препораката на Владата која таа ја донесе на 28 декември и која им препорача на трговците на мало да работат на 31 декември, 1 јануари и на 7 и 8 јануари, за порталот Работник рече дека пред сѐ, голема грешка се направи со тоа што законското решение за недела неработен ден се подели во два закони – Законот за работни односи и Законот за трговија.

Сметам дека решението во однос на работата во недела требаше да биде фокусирано само во Законот за работни односи, со оглед на тоа што оваа материја се уредува експлицитно и со императивни одредби во Законот за работни односи. Станува збор за основно прашање поврзано со меѓународни стандарди кои Македонија ги има прифатено и затоа не требаше да се дисперзира во два закони, туку како што е редот и како што номотехнички е традицијата да се уреди само со Законот за работни односи, за да нема дилеми, нејаснотии и различни толкувања, објасни Јовевски.

На прашањето дали може една препорака усвоена на Влада да има поголема правна тежина од еден Закон, Јовевски рече дека препораката пред сѐ, е многу неумесно и несоодветно дадена и имплицира на тоа дека Владата препорачува да се работи незаконски, што според него е уште еден од македонските парадокси и бисери на македонската општествена сцена.

Самата т.н. препорака, упатува на тоа оние дејности во трговијата на мало (продавници, штандови, киосци) коишто не се опфатени со исклучоците од ставот 3 во членот 134, им се препорачува да работат, што не може да се објасни. Ова е буквално, како што напоменав, повик на незаконско работење и тоа од страна на Владата, што самото по себе покажува за зрелоста и нивото на разбирање на работите, посочи Јовевски.

Со самото тоа, како што вели тој, препораката е спротивна на Законот за работни односи и не е правен основ (акт, документ) со кој може да се смени Закон, подзаконски акт, Колективен договор или сл. Поради ова, самата препорака е безначајна.

Само е кажана повеќе во политички контекст отколку во правен контекст. И секако, самата препорака, како таква, бидејќи нема правна основаност, не може да произведе ни правно дејство, ниту има вербално дејство врз работниците и работодавачите, додаде Јовевски.

За да има некакво дејство мора да се менуваат Законот за работни односи или Законот за трговија и да се даде една поинаква нормативна карактеристика на таа идеја – да работат сите за време на празник.

Резултатот на сето ова, вели Јовевски, е со самото тоа што компаниите од трговијата на мало ги задолжуваат вработените да работат во недела, го прекршуваат Законот.  

Професорот потсети дека согласно Законот, компаниите треба да добијат и одредена дозвола од инспекциските органи за да можат да работат во недела, и ако не се направи тоа, работењето би било незаконско.

Сепак, со оглед на тоа дека беше дадена препорака од Владата, веројатно ниту еден државен орган нема да го санкционира незаконското работење, појасни тој.

Со ова се прати една силна порака којашто е многу штетна во македонското општество и веќе директно, не во обланда, не во целофан – се укажа на тоа дека можете да работите незаконски и никој нема ништо да ви направи. На тој начин дополнително се руши системот на владеење на правото, а особено трудово-правниот систем кој е многу јасен по однос на ова прашање, истакна Јовевски.

Работниците може да одбијат да одат на работа и ако им биде даден отказ, судот ќе ги врати на работа, но кој може да чека три или повеќе години на судска одлука или пак воопшто да тужи на суд, земајќи ја предвид економската состојба во државата, рече Јовевски.

Владата и Министерството за економија со ист одговор

До Владата утринава испративме неколку прашања поврзани со Препораката кои гласеа вака:

Кој ја предложи Препораката која Владата ја донесе за вработените во трговијата на мало да работат за време на празниците? Дали според Вас една Препорака може да биде посилна или да има поголем легитимитет од системски Закон, како тој за работни односи? Дали Владата имаше предвид кога ја носеше Препораката, дека се коси со законското решение за недела неработен ден, со оглед на тоа дека 31 беше во недела, а и 7 е во недела? И конечно, дали ќе ја повлечете Препораката? 

Од Владата го добивме овој одговор:

„Во врска со Вашето прашање Ве информираме дека Владата, со одлука на седница на Владата препорача, за време на новогодишните и божиќните празници, односно на деновите 31 декември 2023 година и 1 јануари 2024 година, како и 7 јануари и 8 јануари 2024 година, да работат продавниците, штандовите и киосците коишто вршат трговија на мало.

Целта на оваа препорака, како што беше образложено од предлагачот, Министерството за економија, е да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните за време на празниците, посебно во помалите градови и места каде нема трговски центри (молови). Исто така, како што е образложено, за време на новогодишните и божиќните празници е зголемена посетеноста од страна на туристи низ целата држава, поради што има и потреба да се овозможи да пазаруваат, а со што ќе допринесат во растот на потрошувачката во државата.“

Прашања испративме и до Министерството за економија, од каде добивме ист одговор како тој на Владата.

Вчера по ова прашање изјава даде и Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.

„Мојот став како министерка е дека државните празници се неработни за сите граѓани во државата освен за оние со закон каде е дозволено заради процесот на работа. Државен испекторат за труд е инспекцискиот орган кој врши надзор за исплатата на дневниците за време на државните празници и ќе проверува дали соодветно се платени работниците“, рече Тренчевска.

Фото: Приватна архива/Freepik

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси