МакедонијаСиндикат

МОН: Исплатата на 10% повисоки плати во високото образование мора да биде по законски прописи

МОН: Исплатата на 10% повисоки - Работник
150views

Откако синдикатите реагираа на дописите од ректоратите за формирањето на нов синдикат за да може да се исплатат 10% повисоки плати, окарактеризирајќи го ова како уцена и атак врз синдикалното организирање, со свое соопштение денес се јави и Министерството за образование и наука (МОН), со цел, како што велат, „да се надминат недоразбирањата и побивање на обвинувањето и стопирање на шпекулациите“.

„Во 2019 година Владата донесе одлука за зголемување на платите на вработените во областа на образованието и науката и тоа за вработените во основните, средните училишта и високо образовните установи за 10% и за вработените во јавните научни установи за 25%. За оваа цел, врз основа на гранските колективни договори во основното и средното образование, со СОНК е потпишана спогодба и исплатата на покачувањето започнува од следниот месец, односно со исплатата на јануарската плата. Додека, за реализација на покачувањето на платите на вработените во седумте јавни научни институти, беа потпишани колективни договори на ниво на работодавач“, велат од МОН.

За исполнување на одлуката и стумулација на просветните работници и научниците, велат тие, преостанува уште да се изнајде модел, односно решение за исплата на покачувањето на платите во високото образование, решение според правните прописи во земјава.

„Во таа насока, минатата недела министерот за образование и наука оствари средба со ректорите на јавните универзитети на која меѓу другото укажа и се говореше и за изнаоѓање законско решение за исплата на зголемувањето на платите за 10% на вработените на високо образовните установи. Имајќи предвид дека во моментов не постои склучен Грански колективен договор за високото образование, согласно Законот за работните односи со кој е уредува колективното договарање, единствениот начин за исплата на покачувањето на платите е да се склучи колективен договор на ниво на работодавач“, се вели во соопштението.

Во овој случај, велат од МОН, работодавач е секој универзитет и тој треба да склучи колективен договор со синдикат во кој треба да членуваат најмалку 20% од сите вработени на истиот.

„Дали вработените на универзитетите ќе формираат посебни синдикати на секој универзитет одделно за да потпишат колективен договор со истиот, дали ќе формираат единствен нов синдикат кој ќе потпише колективен договор со сите универзитети, или пак ќе се приклучат кон СОНК или кон НАКС и ќе го исполнат условот за репрезентативност според кој во синдикатот треба да членуваат најмалку 20% од вработените на секој државен универзитет, тоа е одлука на вработените во универзитетите. Почитувајќи ја автономијата на високо образовните установи и слободата во работењето и управувањето, МОН не смее, не дало и нема да даде насока како вработените на високо образовните установи синдикално да се организираат“, велат од МОН.

Сметаат дека вработените во високото образование ќе го добијат договореното врз база на дијалог 10 процентно покачување на личните примања по основ на работен ангажман во високо образовна установа.

Извор: Радио МОФ