Додека динамиката на зголемување на приходите на М-НАВ од година в година е вообичаена, трошоците за плати се радикално поголеми. За плати и други лични примања во 2019 биле потрошени 853,8 милиони денари, додека една година претходно 698,2 милиони денари, што значи станува збор за разлика од 2,5 милиони евра. Порастот е уште поголем споредено со 2017 кога тој се движел околу 10 милиони евра.

 За ставката бруто-плати реализирани се повеќе средства од планираните заради зголемени стапки на придонеси кон државата (персонален данок, придонеси кон ПИОМ, кон ФЗОМ, придонеси за вработување и бенефициран стаж), нови 16 вработувања, како и исплатени награди за работна успешност поради зголемен обем на работа, објаснуваат од М-НАВ.

Конкретно кај платите, иако биле планирани 652 милиони денари, на крајот биле потрошени 815,5 милиони денари. За исплата на К-15 е дадено 5,16 милиони денари, а во 2018 сумата изнесувала 4,65 милиони.

„Македонска навигација“ лани бележи приходи од 1.092 милијарди денари или околу 18 милиони евра од контрола на прелети и терминални услуги за двата аеродроми. Тоа се само 38 милиони денари повеќе од 2018. Платите и другите давачки за вработените се убедливо најголемиот трошок во структурата на расходите.

М-НАВ е една од ретките организации која дели 13-та плата во Македонија, а последните години вкупната сума за оваа намена се движеше околу 800.000 евра.

Извор: Лидер