Наместо германски плати, „изнајмени работници“ добиваат државен минималец

Поради поедноставување на процедурите за добивање работни дозволи во побогатите земји на Европската унија, на Словенија во моментов и недостасуваат околу една третина од работната сила, односно околу пет илјади градежни работници.

Градежната индустрија во Словенија од крајот на Втората светска војна се базира на странци, односно на работници од земјите на поранешна Југославија, а од неодамна и на работници од Азија, пишува словенечкиот портал 24ur портал b92.net.

Најголемиот број градежни работници, 85 отсто од нив, доаѓаат од земјите на поранешната заедничка држава, а во последните 17 години во Словенија се дојдени повеќе од сто илјади работници од тој крај.

Според порталот, Словенија до пред неколку години важеше за отскочна даска за странските градежни работници, кои таму работеа година-две за да можат да одат во побогатите земји на Европската унија во потрага по повисоки плати, а како земјите ги поедноставија процедурите за добивање работни дозволи, остануваат се помалку работници да работат во Словенија, пренесува Пословни дневник.

Претседателот на Здружението на странски работници на Словенија, Марко Танасиќ, наведува дека словенечките работодавци на секој начин ги искористуваат вработените, бидејќи многу фирми се регистрирани во Словенија, но таму не вршат никаква дејност.

„Тоа се компании за регрутирање кои во суштина ги позајмуваат илегално вработените лица во странство. Работниците немаат права, најчесто работат за минимална словенечка плата со усмен договор за саатница од осум, девет или десет евра, што вклучува боледување, одмор и друго“, вели Танасиќ.

Тој нагласува дека многу компании за регрутирање во Словенија вработуваат работници, за подоцна „да ги изнајмат како модерни робови на земјите од Западна Европа, особено Германија“.

„Работниците, иако работат за германски фирми и треба да земаат германски плати, реално добиваат словенечка минимална плата, предупредува Марко Танасиќ, претседател на Здружението на странски работници на Словенија.

Зоран Симчиќ, претседател на Секцијата на градежници при Занаетчиската комора на Словенија, наведува дека многу словенечки компании вработуваат работници од Азија, главно од Индија, Пакистан и Филипините.

„Не можеме да се натпреваруваме со компаниите во Западна Европа во вработувањето работници од Балканот ако не им понудиме подобри плати, што не е изводливо поради специфичните економски услови“, вели Симчиќ.

Фото: Freepik