Наука

Научниците докажаа: Доколку Земјата се загрее за 2 степена , ќе исчезнат половина од лозјата

Научниците докажаа - Работник
189views

Повеќе од половината од постојните лозја на светот би можеле да исчезнат доколку Земјата се загрее за 2 Целзиусови степени, цел поставена со Парискиот договор, но доколку се загрее за 4 степени, 85 проценти би исчезнале.

Американски и француски научници од Националниот институт за истражување во земјоделството, производството на храна и животната средина вчера ја објавија својата студија во американското списание „PNAS“.

Тие развиле модел за 11 најпознати сорти во светот и ги комбинирале овие податоци со проекции за глобалното затоплување.

Нивната студија открила дека 56% од денешните лозарски области не би биле погодни за одгледување винова лоза во случај на глобално затоплување за 2 степени Целзиусови, или 85% од лозовите насади ќе исчезнат ако земјата се загрее за 4 степени.

За возврат, други области би станале поволни за производство на вино.Најголеми губитници би биле oбластите кои веќе имаат топла клима, медитеранските земји како Италија или Шпанија кои би изгубиле 65 проценти од нивните лозја.

Од друга страна, лозарските подрачја на поголеми височини, како на пример во Нов Зеланд или северниот дел на САД, ќе добијат нови области за лозарство, од 15 до 100 проценти, во зависност од сортите.

Земјите со умерена клима, како Франција или Германија, би изгубиле и би добиле во еднакви пропорции, околу 20 проценти.

Научниците посочуваат дека загубите би можеле да се компензираат со промените во одгледувањето одредени сорти на грозје, а во тој случај загубите би можеле да се намалат од 56 на 24 проценти доколку температурата се покачи за 2 степена. Во случај Земјата да се загрее за 4 степени, загубите може да се намалат од 85 на 58 проценти со преминување на култивирање на други сорти.

Доцните и сортите  толерантни на топло, како што се шираз, гранаж и мурведр , би можеле да се развијат повеќе во сегашните области, а денешните рани сорти како црниот пињон или шардоне би можеле да се прошират во нови региони.

Ваквите промени ќе претставуваат комплексни предизвици, но тие не се непремостливи, велат авторите на студијата.

Извор: Канал 5