- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Најавените инвестиции за опозицијата се нови лажни ветувања – Суровата реалност е дека Македонија е најнеповолна дестинација за инвестиции

Најавените нови 15 инвестиции - Работник
246views

Нови 15 инвестции во вредност од 250 милиони евра кои ќе отворат околу 5,500 нови работни места, од кои ќе има и од фармацевтската индустрија, а тоа значи поголеми плати за вработените. Ова во вчерашниот дневник на Сител телевизија го најави директорот на Дирекцијата за технолошко – индустриски развојни зони Јован Деспотовски. 

„Тоа се проекти за којшто во моментов разговараме и можам да кажам дека добар дел од нив веќе се во фаза во која подготвуваме одредени симулации за тоа што компанијата може да очекува како поддршка од државата, а тоа е чекор пред потпишување на договор. Реален оптимист сум и можам да кажам дека годинава ќе биде позитивна“, рече Деспотовски.

Од половината нови инвестиции кои Деспотовски ги најави, тој подвлече дека државата не гледа само колку ќе вложат, туку и колку пари ќе влезат во буџетот, откако ќе завршат поволностите кои компаниите ќе ги добиваат и колку работни места ќе се отворат и она што според него е поважно, колкави плати ќе исплаќаат на вработените. 

Денеска преку фејсбук статус реагираше Комисијата за економија на ВМРО – ДПМНЕ, од каде велат дека од СДСМ повторно даваат лажни ветувања за нови странски инвестиции, наспроти суровата реалност дека Македонија станува најнеповолна дестинација за странските директни инвестиции во регионот.

„Директорот на ТИРЗ најавува нови странски инвестиции, нови работни места, раст на платите во ТИРЗ зоните, и сето тоа само едни ветувања кои наликуваат на оние во изминатите четири години кога Заев ги најавуваше Гугл и Фејзбук, најавите дека во првите три месеци од новата влада ќе влезат големи инвестиции како што се ИКЕА и Блекстоун“, стои во фејсбук статусот на Комисијата за економија на ВМРО – ДПМНЕ.

Од Комисијата велат дека реалноста е дека во 2020 година Република Македонија имала најнизок прилив на СДИ, како процент од Бруто домашниот производ споредено со сите земји од регионот. За илустрација, Република Македонија имала 1,9 % прилив на СДИ во 2020 година, додека истовремено Србија забележала 4,8 %, Албанија 5,7 %, а Црна Гора дури 11 %. 

„Она што е загрижувачки е фактот што очекувањата за 2021 година се исто така неповолни. Имено, Светска банка предвидува прилив на СДИ од 2,6 % во Република Македонија, наспроти Србија каде се прогнозира 5 %, Албанија 6,2 %, додека Црна Гора 8,2 % прилив на СДИ како процент од БДП“, истакнуваат од Комисијата.

Потенцираа дека За поразителната состојба со СДИ потврда е фактот што Македонија од најатрактивна дестинација за странски инвестиции во регионот пред само неколку години, денес поради корупцијата и криминалот, невладеењето на правото и тотално незаинтересирана Влада за привлекување СДИ, станува најнеповолна локација за странските инвеститори.
Косово (4%) и Босна и Херцеговина (2.1%) се земји кои во 2020 година имале поголем прилив на СДИ од Македонија (1.9%), но истовремено според проекциите на Светска Банка ќе имаат поголем прилив на СДИ и во 2021 година.

Бобан Илијевски